Македонија точно две години – НЕПОБЕДЛИВА: Во Велс за продолжување на низата, и позитивна заверка на мундијалскиот бараж!

ЕКИПА во Кардиф, Велс

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација точно две години не знае за пораз на официјален натпревар во рамките на квалификацискиот натпреварувачки систем под капата на ФИФА и УЕФА. Достиг, кој да бидеме реални, оваа генерација македонски фудбалски репрезентативци го постави како силен предизвик за секоја идна. Но, достиг чиј крај се уште и не е заокружен. А, достиг чие продолжување, пак, и со 15-от едноподруго натпревар без пораз, овде во Кардиф, Велс, на Островот, ќе значи дефинитивно заокружување на еден извонреден успех како силен патоказ за остварување на мундијалскиот сон.

Македонија последениот пораз во натпреварувачки систем на УЕФА го имаше точно на 17 ноември 2023 година, оној од Италија во Рим. Од тогаш, македонската репрезентација цели 24 месеци, на вкупно 14 натпревари по ред, под водство на Благоја Милевски, не знае за пораз на официјалните натпревари под капата на УЕФА!

А, својата пресвртница македонската репрезентација ја имаше токму на Островот, но во Англија, по убедливиот пораз од „Гордиот Албион“ на „Олд Трафорд“, по кој беше креиран мозаикот на новиот национален тим, кој изминативе години, без сомнение, е најдобриот домашен спортски колектив.

„Би бил најголема кукавица ако сега, во еден ваков момент, се повлечам од репрезентацијата. Напротив, сега пред националниот тим е најголемиот предизвик со кој може да се соочи. По ова во Манчестер отвораме нова страница со сериозен рез во репрезентацијата, кој е единствено во интерес на тимот, а не на поединецот. Затоа што секој тука е минлив, само Македонија и националниот тим се вечни“ – изјави тогаш Милевски за ЕКИПА по натпреварот со Англија во Манчестер.

И, токму по „Олд Трафорд“, следат најуспешните денови на репрезентативниот фудбал во историјата. Македонските репрезентативци го соборија рекордот на најдолга серија без пораз на официјални квалификациски натпревари која се уште трае, сега и со силен мотивациски предизвик во Кардиф за освојување најмалку на второто место во групата, иако Македонија се уште е и со шанси и за прво место во групата и директен пласман на Светското првенство 2026!

Репрезентативците мечот со Велс го очекуваат со низа цели 14 едноподруго натпревари без пораз на официјални квалификациски натпревари под капата на УЕФА (осум победи и тоа со: Ерменија (2), Летонија (2), Лихтенштајн (2), Фарски острови и Казахстан, и шест ремија со Англија (1-1), Фарски острови (1-1), Велс (1-1), Казахстан (1-1) и две со Белгија (1-1) и (0-0)).

Повеќе од доволен мотив за ново успешно издание и во Кардиф. Непобедливост како начин за остварување на ноемвриските амбиции за олеснување на предизвикот во мундијалскиот бараж!

СОБОРЕНИТЕ РЕКОРДИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ

  • Шест натпревари со победа во низа и без примен гол, што е убедливо најдолга низа во историјата!
  • Македонија ја има најдолгата низа без пораз на официјални натпревари – 12 средби едноподруго без пораз (осум победи и четири ремија).
  • Рекорд на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од 14 едноподруго натпревари без пораз (осум победи и четири ремија) во официјален натпреварувачки систем на ФИФА и УЕФА.
  • Голманот Столе Димитриевски го држи и апсолутниот рекорд на несовладливост во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, со 711 минута со незатресена мрежа.
  • Македонија, без пораз со феномененален учинок во групата, за првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата (втор по квалитет сегмент во Европа) од Лигата на нации!
  • Македонија, за првпат во историјата вторпат едноподруго е речиси со сигурно обезбеден бараж за пласман на Светско првенство.
  • Селекторот Боби Милевски по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
  • Македонија дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 12 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.
  • Благоја Милевски, погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, е со процентуална успешност од 60,1%, или од 36 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 16 победи, 11 ремија и 9 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, а потоа следи Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност.

Се вчитува...