СЕИРМАНИЈА: Од штрајк до олстар – село гори, баба се чешла

Спортот секогаш пред се треба да биде забава, иако сите ние неизбежно си го „лепиме на срце“ некогаш и премногу сериозно. Но, секако, шега никогаш не е на одмет колку понекогаш да се разбие нашето спортско сивило во кое знаеме да западнеме. Иако, и погледот од духовитата страна и тоа како знае и може, и помоќно од сериозниот пристап, да ги потенцира аномалиите во нашето спортско секојдневие. Токму затоа е тука СЕИРМАНИЈА, од денеска повторно како редовна рубрика на ЕКИПА.мк, низ сеир да потсети дека спортот ни е далеку од идеален, а оние со „розeви очила“ треба што поскоро да ги симнат и да прогледаат реално… За доброто на сите!

 

1. Спортот ни се мачи со беспарица, клубовите едвај врзуваат крај со крај, но блесокот на крајот на оваа календарска година ќе ни го понуди кошарката. Како која кошарка… па истата онаа за која се најавуваше штрајк и неиграње до февруари 2026. Сега одеднаш, не само што ќе се игра кошарка до крајот на годинава, туку и оваа 2025 (во која пак го допревме дното на репрезентативен, а ништо подобро не ни оди ниту на клупски план) ќе ја „крунисаме“ со настан каков што нема никаде на светот. Не, олстар си постои во различни земји и на различни континенти, ама никаде не трае над осум часа. И после нека каже некој – Македонија не е лидер во светот на кошарката.

2. Спектакл најавен само десетина дена пред неговото одржување, за некој од соседството, а богами и од подалеку да не ни ја украде идејата. И така, ќе играат домашни против странци. Домашните се тука, оние најдобрите, голем дел од нив репрезентативци на Македонија. Странци, ќе играат оние кои се тука, кои немаат извадени авионски билети за празниците да ги поминат со најблиските. Среќа во несреќа е беспарицата, па дел од нив останаа празнично без платитe што им следат, ќе мора да останат овде, но ќе имаат чест и задоволство да бидат дел од спектаклот наречен олстар. А ако имаат среќа да останат во мак-баскетот и догодина (што речиси никогаш не се случува), за следната Нова година нема ни да размислуваат за Божиќ и Нова година со семејствата.

3. Во ракометот долги години немаше избор на најдобри, па пред еден месец таа традиција беше вратена. Во кошарката со години се бираат најдобрите, ама сега…. Добро нема да се укине туку… Спектаклот ќе биде толку спектакуларен што за неговото времетраење ќе бидат спектакуларно наградени најдобрите. Кога? Па како кога, за време на спектакуларниот настан, што ќе трае едно седум-осум-девет часа. Кој сака награда, ќе си почека…

4. „Со овој настан сакаме заеднички да покажеме и да докажеме дека кошарката повторно може да биде спорт број 1 во Македонија – со почит, соработка, визија и љубов кон играта“, порачуваат од „куќата на кошарката“ најавувајќи го овој настан.

Ко што викаше легендарниот Кили пред некоја година: Абе не ме ј..и!

Среќна нова година, драги сеирџии…

Се вчитува...