Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, притоа осврнувајќи се, меѓу бројните теми, и на ситуацијата со култната СРЦ „Кале“ за која од надлежни институции е дадено мислење дека е крајно небезбедна и мора да се затвори.
Ристовски информираше дека од Министерството веќе работат на решение за салата, при што се разгледуваат двете варијанти: нејзина реконструкција или изградба на истото место на комплетно нова сала.
„Она што можам да го кажам е дека знам дека има некои технички проблеми во салата, и таа е небезбедна. Верувајте дека после нeмилиот настан во Кочани, сите сме екстра внимателни за тоа што може да се случи евентуално, и мислам дека тој моментум треба да се разбере, затоа што ние го гледаме спортот како нешто највозвишено и така треба да биде. Mеѓутоа, има и многу поважни работи од спортот. Тоа е нормално животот, тоа е нормално функционирање на опшеството и треба да бидеме навистина внимателни“ – рече Ристовски во „ПРЕСИНГ“ и дополни:
„Од информациите што јас ги имам од претседателот на Кошаркарската федерација, тоа е дека инжињери ја имаат посетено салата, имаат направено анализа и дека тие инжињери имаат дадено негативно мислење за безбедноста на салата, заради стара инсталација која била небезбедна и тие инжињери имаат дадено препораката таа сала да се затвори. Тоа е една работа. Втора работа е за да култната сала продолжи да живее ние како Министерство за спорт сме во разговори со Кошаркарската федерација со два избора: Или Министерството за спорт комплетно да ја реконструира таа спортска сала, тоа е реална опција или на местото на спортска сала Кале да се направи уште една нова сала, која што ќе биде повторно еден дом на кошарката и дом на спортот генерално во тој дел на градот. Така да бидете сигурни дека и во двата случаи нема да помине многу време пред Министерството за спорт да најде решение“.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

