Данците со нетрпение го очекуваат стартот на европскиот шампионат во кој оваа скандинавска селекција влегува како главен фаворит за златниот медал, како поради квалитетот, така и поради фактот дека сите натпревари ќе ги игра на домашен терен, во својата арена во Хернинг.
Во првото коло данскиот состав ќе се сретне токму со Македонија, меч закажан за петок со почеток во 20.30 часот. Данците важат за апсолутни фаворити, а најдобриот светски ракометар, Матијас Гидсел, смета дека брзината треба да биде нивни заштитен знак против нашата национална селекција.
„Добро сме подготвени. Знаеме дека селекции како Македонија знаат да создадат проблеми ако не си на поскауваното ниво. Играат физички ракомет, со многу дуели, затоа она што ние треба да го правиме е да бидеме брзи, да не влегуваме во дуели и да се „тепаме“ физички, туку со брзина да креираме ситуации за постигнување на гол. Ќе биде прв меч, за нас најважно ќе биде да истрчаме, да ги почувствуваме теренот и атмосферата во салата, да ја снема тремата и потоа да се фокусираме на продолжението од шампионатот“, порача Матијас Гидсел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

