ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Данска уште еднаш ја потврди својата надмоќ во нашата група откако домаќинот во вториот меч во Хернинг стигна и до втората убедлива победа, овојпат на дуелот со Романија со резултат 39-24.
Селекторот Јакобсен го искористи и овој меч за испробување на одредени тактички замисли како во нападот, така и во одбраната, а Романците го искористија тоа и сосема солидно парираа во првото полувреме во кое постигнаа дури 17 погодоци против актуелниот светски и олимписки првак (22-17). Очекувано, вториот дел донесе далеку подобра игра во дефанзива на Данците, романските ракометари постигнаа само седум гола за 30 минути игра и овој меч заврши со триумф на фаворитот од убедливи 39-24.
Голманот Мелер беше избран за МВП на мечот со 17 успешни одбрани, во нападот најефикасни беа Гидсел со девет и Хоксер и Питлик со по осум погодоци. Деду, Гита и Наги беа најефикасни во романскиот состав со по четири гола.
Словенија со чудесен пресврт славеше над Швајцарија со резултат 38-35. Швајцарците имаа 21-14 по првото полувреме, потоа и „плус девет“ (23-14) во вториот дел, но Словенците со неверојатен пресврт предводени од голманот Миљан Вујовиќ стигнаа до голема победа со која се пласираа и во следната фаза од овој европски шампионат. Андреж Макуц, Домен Макуц и Новак со по шест гола беа најдобри поединци во победничката селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

