Романците 30 години без победа на ЕП: „Црната серија“ да ја прекинеме со Македонија

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Уште при самото извлекување на групите за ЕП 2026 селекциите на Данска и Португалија се издвоија како главни фаворити за пласман во следната рунда, а дуелот меѓу Македонија и Романија беше најавен како пресметка за третата позиција.

Романците дефинитивно на хартија се најслаб ривал, но тоа воопшто не значи дека ќе биде лесно да се земе нивниот скалпо на овој шампионат. Впрочем, и тие се максимално мотивирани, свесни дека мечот со Македонија им е идеална шанса да дојдат до победа на едно европско првенство, нешто што им нема успеано во последните 30 години.

Имено, Романија последен пат се радувала на триумф на ЕП 1996, кога најпрвин во групната фаза оваа селекција славеше над Данска со 27-21, а потоа во мечот за пласман Романците беа подобри и од Унгарија со 28-27.

Десниот бек Раду Гита не крие дека очекува оваа црна серија што трае три децениии да биде прекината токму вечерва против Македонија.

„Со големи очекувања влеговме во овој шампионат. Ова ни е втор настап по ред и сакаме да го подигнеме нашето ниво и да почнеме да победуваме, затоа што ни е многу важно и нас и на целата држава. Засега не успеавме да победиме, но се надеваме дека на третиот натпревар ќе успееме да извојуваме победа што ќе биде прва по 30 години на Европско првенство. Ќе биде тешко, Македонија има добар тим, добро игра, но ние ќе се бориме и ќе направиме сѐ за да се радуваме утре“, изјави Гита.

Се вчитува...