Веспрем е на добар пат да го ангажира српското „чудо од дете“, Стефан Додиќ, име познато во македонската јавност откако на 15-годишна возраст дебитираше за Металург.
Додиќ првите ракометни чекори ги направи токму во овој клуб, настапуваше за тимот од Автокоманда и во Лигата на Шампионите, но по финансискиот колапс на „металурзите“ тој по кратката авантура во Охрид реши да го напушти мак-ракометот. Последната сезона тој со успех ги брани боите на Војводина, си обезбеди место во националниот тим на ЕП 2026, а за формата на Додиќ најдобар доказ е фактот дека тој беше избран за МВП на мечот во големата победа што српските ракометари ја забележаа над Германија.
Токму тој дуел беше дополнителна препорака за челниците на Веспрем, кои ги интензивираа преговорите со Војводина за веќе зимава да го доведат Додиќ во своите редови.
Чави Пасквал гледа во Србинот играч за сегашноста, но и за иднината на Веспрем, па затоа унгарскиот гигант е подготвен да плати околу 150.000 евра за да го осигура потписот на 22-годишниот ракометар. Најавите од Србија говорат дека раководството на Војводина не планира да го блокира трансферот, па постојат сите предуслови за Додиќ веќе до крајот на месецов да го комплетира трансферот од соништата во Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

