Поднесената оставка на Марјан Илиевски од функцијата селектор на Македонија предизвика изненадување во кошаркарските кругови, а раководството на федерацијата сега ќе треба што поскоро да најде решение за негов наследник, во ситуација кога за еден месец пред „црвено-жолтите“ е продолжување на претквалификацискиот циклус за ЕП 2029.
Прва желба на челниците на куќата на кошарката бил Октај Махмути, врвен тренер роден во Скопје, бил воспоставен и контакт со него, но одговорот што пристигнал од Махмути бил негативен. Овој стратег и претходно беше поврзуван со селекторското место, беше споменуван како опција и кога претседател беше Петар Наумоски, како и подоцна кога прв човек на федерацијата беше Перо Антиќ.
Новото раководство амбициозно се обиде по истиот пат, но исходот е сосема очекуван, ако се земе во предвид нивото на кое се наоѓа мак-баскетот во моментов, па тешко е да се поверува дека стратег од нивото на Махмути ќе прифати да води селекција против ривали како Азербејџан, Луксембрг и Ирска.
Неофицијално, желба на МКФ е да биде доведен странски стратег за реализација на некоја подолгорочна стратегија, но останува да видиме дали ќе дојде некое име за респект, или ќе се избере експеримент како во времето на Петар Наумоски со Драган Раца, што се покажа како апсолутно промашен и погубен за македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

