Кошаркарите на Пелистер вечерва против Работнички ќе стартуваат со официјални натпревари во новата 2026 година (19 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола).
„Зелено-белите“ добро ја почнаа сезонава, но нешто послабите резултати во последните рунди од ланската година придонесоа Пелистер да падне на третото место на табелата.
Свесни дека потенцијалот на овој тим е за далеку подобри резултати, „пелистерци“ максимално мотивирани влегуваат во новата година, дополнително засилени со Американецот Џенкинс кој вечерва ќе дебитира за „зелено-белите“.
Работнички е ривал против кого битолчани имаат четири победи во низа, од кои последната особено убедлива, од 75-115 во Скопје, во првото коло од оваа сезона. Работнички пред тој дуел имаше проблеми со регистрирање на новите играчи, слични главоболки скопскиот клуб има и во пресрет на денешното патување во Битола, но фокусот на „пелистерци“ воопшто не е насочен кон противникот.
„Она што ние сакаме да го направиме е да играме најдобро што знаеме, да бидеме фокусирани од првата до последната минута и да ги исполниме задачите дадени од стручниот штаб. Тоа е наш приоритет не само на овој, туку и на сите наредни натпревари, без разлика дали играме со Работнички или со било кој друг ривал од елитното друштво во мак-баскетот. Знаеме дека сме подобри од она што го покажавме во првиот дел од сезоната и сакаме тоа да го докажеме во наредниот период“, истакнуваат од таборот на Пелистер во пресрет на првиот меч од оваа календарска година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

