Хрватска се закити со бронзениот медал на ЕП 2026 откако „коцкестите“ во малото финале попладнево во Хернинг ја совладаа селекцијата на Исланд со резултат 34-33. Сигурдсон ги надмудри своите сонародници, постави одлична тактика со која Хрватска имаше контрола над теренот и заслужено се радуваше на победата, оставајќи го експресно зад севе разочарувачкиот пораз во полуфиналето од Германија.
Хрватите беа дополнително ослабени поради неиграњето на голманот Кузмановиќ поради вироза, но и без својот стартен чувар на мрежата тргнаа фуриозно, во 10. минута поведувајќи со 5-2 до головите на Мараш и на Шоштариќ. Доминацијата на хрватските ракометари продолжи, тие поведоа со 8-4, нешто подоцна и со најубедливи 12-6, но во овие моменти Исланд се разбуди и со четири гола во низа намали на 12-10, по што на одмор се замина со предност на Хрватска од 17-14.
На почетокот од второто полувреме во ритам влезе и Мартиновиќ, кој набрзина го врати водството на Хрватска на пет гола (21-16). За разлика од првиот дел, овојпат Хрватите не дозволија предноста да се спушти под четири гола до неколку минути до крајот, но Исланд сепак се погрижи за неизвесна завршница намалувајќи на 32-30 на две и пол минути до крајот. Јелиниќ беше играчот кој ја запре оваа мини-серија на Исланѓаните, но противникот не се предаде, Халгримсон одбрани пенал при 33-31, по што Магнусон од седум метри стрелаше прецизно за 33-32 на една минута до крајот. Хрватите тргнаа во последен напад со двајца играчи повеќе, а Главаш погоди од крило, па неговата селекција го доби овој меч со 34-33.
Лучин беше прв стрелец на домаќинот со девет гола, шест постигна Начиновиќ, а пет Мартиновиќ, додека најефикасен на натпреварот беше Исланѓанецот Магнусон со 12 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

