Стојановски: Феникс е добар тим, но Пелистер на секој меч оди на победа

Пелистер има импресивен старт на новата календарска година откако „зелено-белите“ славеа на трите средби што ги одиграа во изминатите десетина дена. Згуснатиот календар значи и нов предизвик викендов, и тоа повторно на гостински терен во Скопје, каде противник ќе биде екипата на Феникс (17 часот, сала Наум Наумовски Борче во Маџари).

Станува збор за талентиран тим што никако не смее да биде потценет, а сите во таборот на Пелистер се максимално мотивирани, со посветена игра од почеток до крај да стигнат до резултатот што го посакуваат во „генералката“ за завршницата од Купот на Македонија.

„Феникс игра добро на свој терен, го покажа тоа и на последниот дуел против Куманово, јасно ни е дека ниту еден противник не смее да биде потценет бидејќи во лигата секој може да изненади секого. Во секој случај, победа е единствениот прифатлив резултат за нас, поквалитетни сме и треба тоа да го покажеме на теренот. Суштински не е променето ништо во тимот со исклучок на промената на странците и доаѓањето на новиот Американец Џенкинс. Влеговме во позитивна серија бидејќи покажуваме карактер, имаме поголема желба за триумф од противниците, а секако тука е и индивидуалниот квалитет на секој мој соиграч. Сакаме во ист стил да продолжиме и во иднина“, вели Лука Стојановски во пресрет на денешниот меч со Феникс.

Се вчитува...