Македонското карате доживеа историски момент на Европското првенство за кадети, јуниори и младинци до 21 година, што се одржа викендов во Лимасол, Кипар.
Матеј Белистојаноски го освои златниот медал во категоријата У21, до 67 кг, со што ја круниса извонредната серија настапи и ја донесе највисоката европска титула за Македонија.
Белистојаноски настапи сигурно и доминантно во текот на целиот турнир, совладувајќи низа силни противници од европскиот врв. Во финалната борба, со тактичка зрелост, борбеност и максимална концентрација, тој извојува победа над претставникот на Грција и заслужено се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал.
Овој успех претставува едно од најзначајните индивидуални достигнувања во поновата историја на македонското карате и потврда за континуираниот квалитет и напредок на младинските селекции. На патот до златниот медал на ова Европско првенство, Матеј ги победи Микита Бахамолетс со 9-1, па Албанецот Риџерс Рами со 5-1, потоа Џо Галагер од Шкотска со 4-1 и Белгиецот Амине Еја со 5-4.
Во полуфиналето го победи Назарии Праничук од Украина со 5-4 и во финалето славеше против Гркот Георгиос Балиотис со 2-0.
СРЕБРЕН МЕДАЛ ЗА НЕМАЊА МЛАДЕНОВИЌ
Уште еден голем успех за Македонија оствари и Немања Младеновиќ, кој се закити со сребрен медал во категоријата кадети до 70 килограми.
Младеновиќ имаше одличен турнир и со серија убедливи победи обезбеди пласман во финалето, покажувајќи зрелост, физичка подготвеност и одлична тактичка дисциплина. Во борбата за злато, по неизвесен и жесток дуел, тој мораше да се задоволи со второто место, но неговиот настап остави силен впечаток кај стручната јавност.
Сребрениот медал на Младеновиќ е уште една потврда за квалитетната работа со младите категории и силниот потенцијал што го поседува македонската репрезентација.
Покрај освојувачите на медали, македонската младинска репрезентација забележа и повеќе значајни пласмани на Европското првенство во Лимасол.
Марко Џорлев (кадети до –63 кг) имаше одличен настап и го заврши првенството на 5. место, откако настапи во борбата за бронзен медал и беше на чекор до ново одличје за Македонија.
Мерван Мемеди (кадети до –52 кг) оствари неколку значајни победи во силна конкуренција и го заврши натпреварувањето со пласман меѓу најдобрите осум, што претставува вреден резултат на вакво ниво.
Останатите македонски каратисти исто така покажаа борбеност, дисциплина и квалитет, стекнувајќи драгоцено искуство на највисоката европска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

