Линдзи Вон оперирана – Има скршеница на левата нога!

Скијачката легенда Линдзи Вон е итно оперирана во Италија откако се здоби со фрактура на левата нога при пад на спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

„Попладнево, Вон беше подложена на ортопедска операција за стабилизирање на фрактурата на левата нога“, се вели во соопштението од италијанската болница.

Според последните информации, таа е под надзор на одделот за интензивна нега од каде нагласија дека нема закана по нејзиниот живот.

41-годишната Линдзи Вон пристигна во Италија повредена, бидејќи само пред девет дена падна на спустот во Кран Монтана и ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено. И покрај ова, таа одлучи да се натпреварува на своите последни Олимписки игри, но мина само седум секунди на патеката.

За време на скокот, Линдзи Вон зафати капија во воздух, потоа се сврте и излета од патеката. Дојде до нова ротација на коленото по што не можеше да стане. Помина околу 20 минути лежејќи на патеката додека чекаше хеликоптер.

Олимписката шампионка од 2010 имаше одличен камбек оваа сезона, забележувајќи две победи во Светскиот куп, но на 30 јануари ги повреди предните вкрстени лигаменти на левото колено на трката во Кран-Монтана. И покрај тоа, таа не се откажа од настапот на ЗОИ.

Се вчитува...