Денеска продолжуваат возбудувањата во Првата македонска фудбалска лига со два натпревари од 17. коло. Вчера Струга ТЛ загуби на гости кај Шкендија, што му дава можност на Вардар денеска со триумф над Арсими, да се одлепи на првото место на табелата со предност од четири бодови. Моменталната разлика е еден поен, но „црвено-црните“ од Скопје имаат натпревар помалку.
Мечот кој ќе се игра на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ нема да биде одлучувачки, но во голема мера може да зависи од тоа како ќе се одвива првенството во финишот. Ако Вардарци успеат да избегаат на +4, тоа би било голема предност на табелата. Од друга, страна, пак, Арсими се чини е веќе на златната средина на табелата, но тие се пријатно изненадување во сезоната и може да му направат проблем на лидерот на табелата.
„Играме против Арсими кој се многу непријатен противник кој може да изненади. Фокусирани сме на нашата игра и напорно работевме и се подготвувавме за овој дел од сезоната. Ќе дадеме се од себе да ја отвориме полусезоната позитивно. Се разбира дека го почитуваме Арсими и нема место за потценување“, вели стоперот на Вардар, Мислав Матиќ.
Капитенот на Арсими, Вулнет Ислами вели дека силно верува во својата екипа дека може да дојде до изненадување.
„Не очекува многу тежок натпревар против противник со големо име и традиција како Вардар. Свесни сме за нивниот квалитет, но истовремено силно веруваме и во нашата екипна сила. Во текот на неделата работевме напорно, со максимална концентрација, и ќе излеземе на теренот да го дадеме својот максимум”, изјави Ислами.
Во вториот меч, Силекс на домашен терен го чека составот на Башкими. Тренерот на кратовци Александар Васоски истакна голема внимателност пред мечот, со оглед дека доаѓа после зимската пауза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

