Пелистер имаше повеќе од убедлив старт на вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, триумфирајќи убедливо со 4-1 против Работнички, кого веќе го чека безмалку невозможна мисија за избегнување на преселбата во понизок ранг на натпреварување.
Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Милан Стојановски, сосема очекувано задоволен од победата нагласувајќи по мечот дека ова треба да биде поттик за играчите за секој следен предизвик во шампионатот.
„Нормално е на стартот од вториот дел фудбалерите да се малку резервирани. Факт е дека Работнички со цел нов тим, беше непознаница за нас, не знаевме како ќе игра и со кој тим. Почнавме порезервирано но сепак поведовме, а во второто полувреме одигравме одлично за заслужена убедлива победа. Вродија со плод квалитетните подготовки во Анталија, и се тоа резултираше со оваа победа. Лука Булатовиќ е навистина добар играч, и ако се познава по ‘утрото’ ќе биде уште поефикасен понатака. Најважно е дека денеска видов еден убав колектив, има прекрасна хемија во тимот и тоа се виде на теренот. Одиме од натпревар на натпревар во желбата за бодови, и да ја оствариме нашата цел опстанок во лигата“ – истакна Стојановски по мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

