Струга ТЛ загуби, а Силекс одигра без голови на првите натпревари од пролетниот дел од сезоната. Двата тима не го отворија овој втор дел од шампинатот во ПМФЛ како што посакуваа, затоа сега на меѓусебната пресметка немаат повеќе право на грешка.
Струга ТЛ по поразот од Шкендија, го губи здивот за првото место на табелата, па сега за да се врати во игра ќе мора да го совлада кратовскиот тим, со оглед дека Вардар има „лесна“ задача и дуел против Работнички кој се очекува да освои нови три бода.
Силекс, пак, од друга страна ќе мора да победи да го задржи чекорот кон првите три места. Со пораз и дефинитивно кратовскиот тим ги губи шансите да се пласира во ТОП 3 екипите во Првата лига.
„Подготвени сме и за овој натпревар, исто како и за претходните. Силекс го анализиравме доволно и се надеваме дека на крајот ќе ги освоиме сите три бода“, вели Мемертиза Хамза.
„Одиме во Струга да се надигруваме, имаме добри играчи и мотивацијата е на високо ниво. Во првото коло не успеавме да запишеме триумф и покрај добрата игра. Бевме подобри од противникот, имавме доста шанси, но едноставно топката не сакаше во голот. Направивме и некои грешки кои ќе ги исправиме пред мечот со Струга ТЛ. Нема да не залаже фактот што противникот во првото коло загуби, затоа што мислам дека е една од подобрите тимови во Првата лига и ќе биде еден добар натпревар, вистинска битка за првите три места. Се надеваме дека ќе се вратиме со бодовите во Кратово“, рече Ѓорге Џеков, дефанзивецот на Силекс.
Мечот се игра на стадионот во Струга со почеток во 14:00 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

