МЗТ Скопје ја демонстрираше својата надмоќ во македонската кошарка откако „металците“ стигнаа до нов куп-трофеј, вкупно 14. во клупската историја со што аеродромци се зацврстија на врвот во оваа категорија. Куманово се надеваше дека со поддршката од публиката на домашен терен ќе успее да го изненади фаворитот, но МЗТ исто како што тоа го стори лани во Гевгелија против Кожув, повторно одигра импресивно финале во кое победникот во ниту еден момент не беше доведен во прашање (96-70). Со тоа, МЗТ стана само втор тим во историјата што врзал четири куп-пехари во низа, по Работнички во периодот од 2003 до 2006 година.
Дуелот беше израмнет само помалку од една четвртина, МЗТ почна моќно преку Гил, кумановци реализираа преку Луковиќ на стартот, а финалето беше во егал само до 9. минута (18-18). Тогаш искусниот Бојан Крстевски погоди две тројки, а МЗТ Скопје експресно се одлепи на 19-26. Тоа беше најава за уште пофуриозното издание на бранителот на трофејот во вториот период, првото двоцифрено водство беше со тројката на Дамјан Стојановски (19-29), за на половина од четвртината аеродромци веќе да имаат 18 поени позитива (24-42). Куманово се обиде да се спротивстави, но МЗТ реализираше преку Танасковиќ во финишот и на одмор замина со убедливи 33-48.
Сите шанси за камбек исчезнаа по само две минути игра во вториот дел, кога Војдан Стојановски погоди тројка за 35-55, по што гостите од Скопје рутински ја одржуваа предноста до самиот крај на четвртината што заврши со 53-73, по атрактивното забивање на домашниот кошаркар Стевановиќ. Победникот практично беше решен, па аеродромци знаеја рутински како да ги исконтролираат последните десет минути од финалето, славејќи со конечните „плус 26“.
Смит Мекоувен беше прв стрелец кај МЗТ Скопје со 23 поени, 17 реализираше Гил, а извонреден беше репрезентативецот Магдевски со 12 поени, девет скокови, шест асистенции и шест украдени топки. Најефикасни кај Куманово со по 13 поени беа Ѓуроски, Митевски и Луковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

