Дарио Ивановски денеска го заврши маратонот во Севиља со време од 2:12.23, и ја заврши трката на 37-мата позиција.
Тој на социјалните мрежи се огласи после истрчаниот маратон. Кажа дека во првиот дел се решил на ризик, и затоа тргнал посилно, а го имаше и најбрзото истрчано време на полумаратон, и со тоа брзо време, како што рече, го платил „данокот“ во вториот дел од трката.
„Севиља маратон. Трката која ми го покажа патот до олимпискиот сон и трката која ме врати повторно во професионалната игра. Овој пат не беше најдобриот резултат од мене, но со оваа трка си потврдив дека вредам за многу повеќе. Јас денеска решив да ризикувам односно да тргнам со група 2 – односно да биде ритамот на темпото од 3:00 со таргет 1:03:30 на половина. На половината на маратонот поминав со личен рекорд и воедно најбрзо истрчано државно време на полу маратон. Сепак темпото на почетокот беше и малку побрзо со тоа што во втората половина го платив “данокот” и завршив со 2:12:23. Можеби е веќе наплатен таму некаде сам во околностите каде што успевам да се подготвувам. Како и да е јас сум спортист и мојата работа и улога е да го извадам максимумот во секакви околности. Мојата одговорност е достоинствено со целото срце да го постигнам најдоброто. Наскоро ке одлучам дали набрзо ке имам уште еден тест со оглед на тоа како ке се опорави телото или ке биде директен настап на Европското првенство во Бирмингем. Огромна благодарност на сите Вас кои безрезервно сте со мене и ми ја давате поддршката во сите моменти. Со почит, вашиот Дарио“, напиша Ивановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

