ПМФЛ: Македонија ЃП очекува сигурни три бода против Шкупи, Арсими на „рехабилитација“ против Брера

Денеска се играат два натпревари во рамките од 18. коло во ПМФЛ. Главно тоа се битки за опстанок, за избегнување на најлошото. За разлика од Македонија ЃП, кој и натаму го брка опстанокот, за Шкупи веќе тоа не е целта. Целта е да се доигра сезоната, а потоа во второлигашката конкуренција да се направи тим кој експресно ќе се врати во „елитата“. Чаирскиот тим има само еден бод, закован на дното на табелата и речиси со двете нозе е веќе во Втората лига, а истото се однесува и за тимот на Работнички, кому му се заканува испаѓање во понизок ранг.

Од тука се очекува Македонија ЃП да освои „сигурни“ три бода во оваа пресметка, и за момент помирно да дише. Искусниот голман Ристе Јанков верува дека Македонија ЃП ќе стигне до триумф, но апсолутно не потценува ниеден противник.

„Шкyпи има променет ростер, со млади играчи кои сакаат да се докажат. Не смееме никако да ги потцениме. Има уште многу натпревари, но секој бод е од клучна важност ако сакаме да го обезбедиме опстанокот во лигата“, вели голманот на Македонија ЃП, Ристе Јанков.

Од друга страна Шкупи вели дека нема да се предаде во пресметката со ѓорчепетровци.

„Работевме напорно цела недела и детално го анализиравме тимот на Македонија Ѓорче Петров. Свесни сме дека тие се фаворити и имаме максимален респект кон противникот, но нема да се предадеме. Ќе се бориме во текот на сите 90 минути, исто како што сме правеле и во минатото“, изјави тренерот на ФК Шкупи, Алиса Виши.

Арсими после поразот од 5:1 против Вардар, очекува далеку поквалитетна претстава против АП Брера. Од друга страна, пак, струмичкиот тим кој исто така го очекува грчевита битка за опстанок верува дека со подобра игра отколку на минатиот дуел ќе се обидат да дојдат до бодовите.

„Мора да одиграме максимално квалитетно, посебно против овие екипи што се борат за опстанок. Ремизиравме со Македонија ЃП, а сега мораме да бидеме уште подобри против Арсими. Тие имаат можеби и покомфорно бодовно салдо, а ние ќе сториме сѐ да освоиме поени на ова гостување“, вели тренерот Мартин Алаѓозовски.

ПМФЛ, 18. КОЛО

ДЕНЕСКА

Скопје, Ѓорче Петров: МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ

Гостивар: АРСИМИ – АП БРЕРА

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...