Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин и едно од најистакнатите имиња на Вардар и репрезентативниот македонски фудбал во историјата, Влатко Грозданоски, до неодамна и член на стручниот штаб на А-репрезентацијата на Македонија.
Грозданоски беше повеќе од пет години незаменлив соработник на Боби Милевски во стручниот штаб на младата, а потоа и на А-репрезентацијата на Македонија. Не крие дека за него беше огромна чест да соработува, како што и претходно истакна, најдобриот тренер во Македонија.
„Јас сум многу среќен и задоволен од тоа што имав можност речиси четири и пол години да бидам дел од А-тимот на нашата репрезентација, иако претходно и, нели, десет години како фудбалер. Јас тоа што го кажав за Боби Милевски навистина го мислам. Со должна почит кон сите тренери во во нашата земја, затоа што, сепак, сите ние имаме свои вкусови, нели, и размислувања. Можеби на некого Боби не му се допаѓа, но јас соработував со него и тоа го кажувам од лично искуство. Можност да соработувам со еден стручен штаб којшто беше максимално професионален, со еден селектор, како што кажав, еден од нашите најдобри тренери. Ретко за млад тренер како мене да имам можност во така рана фаза од својот тренерски развој да соработувам со тренер од којшто може многу да се научи, една соработка која што секако мене ќе ми донесе многу бенефит. И, можам да кажам дека ако гледаме тоа што се случи минатите четири и пол години, во А-репрезентацијата е успешен период. Ако ги погледнеме сите прилики во фудбалот, нели ситуацијата со формата на фудбалерите, со квалитетот на нашата лига, итн, се направија одлични резултати“ – истакнува Грозданоски.
Сега Македонија има нов селектор во името на Гоце Седлоски со кого ќе се атакува на пласман на Светското првенство 2026. Грозданоски, како фудбалер, долги години заедно настапуваше со Седлоски во А-репрезентацијата, секако, како што вели, искрено од срце посакува успех на новиот стручен штаб.
„Имаме нов селектор сега, којшто веројатно ќе донесе некоја нова енергија. Искрено, од сè срце јас му посакувам се најдобро, да има Македонија успех, затоа што тоа е најважното. Дали сум јас, Никола или било кој друг, тоа е најмалку важно. Верувам дека сите ќе дадат се од себе, дека ќе играат за Македонија. Сите фудбалери ја знаат тежината на натпреварот и без разлика можеби некој ќе рече играме во гости, мислам дека тоа е неважно каде се игра тој натпревар против Данска во баражот за СП. Тежината на натпреварот, свесноста на фудбалерите дека се сепак на два чекори до тоа светско првенство. Дај Боже да ја поминеме Данска, па потоа ќе се размислува нели за понатаму. Прво е овој натпревар најважен!“ – вели Влатко Грозданоски.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

