Пелистер мора да слави на домашен терен над Висла на премиерниот меч од ЛШ во 2026 година (20.45 часот) за да си ги зголеми шансите за пласман во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.
Отсуството на репрезентативците за време на ЕП 2026 беше главен проблем за новиот тренер, но Стевчо Алушовски верува дека бeз оглед на се Пелистер ќе се прикаже во добро светло и ќе стигне до посакуваниот резултт
„Во периодот зад нас имавме мали кадровски проблеми. Пред се мислам на репрезентативците кои долго беа отсутни. По нивното враќање имавме мали проблеми со повреди. Павле Атанасијевиќ беше повреден, а Словенците доцнеа повеќе од другите. Имавме доволно време за подготовка, оваа екипа тренирала заедно шест месеци пред моето доаѓање. Не изменивме многу, туку само додадовме некои елементи за да се подобриме, пред се за натпреварот со Висла. Низ една позитивна и добра работна атмосфера сакаме да се покажеме во добро светло прво против полскиот ривал, а потоа и во домашното првенство. Сакам да ги повикам навивачите да дојдат да не бодрат, а нашиот тим ќе возврати со добра и пожртвувана игра“, изјави новиот тренер на „пелистерци“.
Дејан Манасков низ кариерата одиграл многу вакви мечеви, а одличниот крилен ракометар како важна потенцираше една работа – да се спречат гостите со бројни прекршоци да го „сецкаат“ ритамот на мечот.
„По подолга пауза се враќаме во Лигата на шампионите. Пред нас е еден многу тежок натпревар, во специфичен момент за екипата. Имаме нов тренер, но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот. Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка. Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот“, истакна Дејан Манасков.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

