
Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…
==============================================================
ДЕЛ 1 – Зошто Бодо?
Зошто Бодо!? Затоа што веќе не може да се зборува за сензација.
По победата против Интер станува јасно дека не станува збор за поединечен блесок, туку за повторлив модел.
Затоа што Бодо не располага со буџет на Ливерпул или Манчестер Сити, а сепак игра современ, структуриран фудбал. И затоа што доаѓа од средина што е поблиску до реалноста на малите фудбалски системи отколку англиските гиганти, што за нас е важно, ако сакаме да правиме споредби.
Ако зборуваме за применливост – мора да зборуваме за реални услови.
Затоа Бодо!!!
Бодо со филиозофијата на Кнутсен, еден од најсовремените тренери на денешницата. Не километрите кои Бодо ги трча. Одлуката кога, како, каде и пред се, научено, зошто….
Дел од ваквиот модел и принципи јавно и лично ги посочив во емисија на МРТВ за Светското првенство во Русија 2018. Тогаш објаснив дека фудбалот не се решава со квантитет на километри, туку со одлука во вистински момент.
Во првиот круг од тој Мундијал испаднаа репрезентации што статистички беа меѓу најдобрите според истрчани километри.
Трчаа најмногу. Но, не трчаа според набележаните принципи!
Затоа што, фудбалот не е натпревар само во издржливост. Фудбалот е управување со моментот. Фудбалот е дефанзивна и офанзивна одлука!
Кај Бодо притисокот не е постојана состојба.
Се работи за активирање, исто спрема наведените принципи. Се активира кога противникот е нестабилен. Кога прима со затворено тело. Кога просторот станува ограничен.
Вистински одлуки, во вистинско време….Тоа е суштината!
Но, фудбалот не се состои само од притисок.
Играчите природно повеќе сакаат да играат со топка отколку без неа. Тоа сум го тестирал во интерактивни разговори со играчи. Тоа не е слабост, туку природа на играта.
Затоа целта беше јасна: кога тоа е рационално возможно, топката што побрзо да се освои – а потоа поседот да не се „продава“ залудно.
Освојувањето без квалитетна офанзивна одлука е половина работа.
Кај Бодо:
– првата мисла е вертикална
– второто движење е во празен простор
– третата опција е поддршка
Брзина + квалитет.
Не само интензитет.
Туку правилна одлука и контрола на темпо!
Ливерпул и Манчестер Сити можат да живеат во постојан висок интензитет. Имаат длабочина, ресурси, ротација.
Бодо може да игра во високо темпо, но не живее во постојан хај-пресинг. Бодо управува со темпото. Забавува. Привлекува. Чека. Па експлодира. Тоа е интелигенција.
Кај нив постои уште еден феномен. Феноменот на формата.
Норвешкото првенство завршува во ноември. Потоа следува пауза до март. Во тој период нема домашно првенство. Нема неделен натпреварувачки ритам. И покрај тоа, Бодо одржува високо ниво на форма и во период кога нема првенство.
Тоа не е случајност. Тоа е резултат на систем, периодизација и стабилност. И затоа Бодо не е сензација. Бодо е модел.
ДЕЛ 2 – Имавме ли ние ваков модел?
На факултетот бев опседнат со идејата на инжењерот Тејлор, за време на технолошката револуција, за рационализација на однесувањето на работниците во процесот на производство. Јасно ми беше дека оваа идеја е генерален модел за поефикасен резултат.
Зошто не и во спортот, беше прашањето кое си го поставував… и сакав по секоја цена да го проверам.
Уште во деведесеттите години, како директор во Вардар, почнав да работам на менталната архитектура на тимот.
Правилникот за награди, кој тогаш „го измислив“, беше апсолутно оригинален и воопшто не беше формалност.
Стандардна премија до три гола разлика. Секој следен гол – дополнителен бонус. Предноста создавана на теренот, преку водство, не значеше понатаму пасива. Токму спротивно. Уште посилен притисок, офанзива и обесхрабрување на противникот. Значеше продолжување на „јуриш“ кон противничкиот гол!
Во соработка со тренерот, со кого одлично се разбиравме, моделот беше поддржан и практично спроведен.
Резултат…: Европски рекорд, во % на освоени бодови и гол разлика!
Тоа беше доказ дека принципот е применлив.
Цементарница – практичен тест
Подоцна, во Цементарница, условите беа сосема поинакви.
По заминувањето на девет играчи и претходниот тренер, тимот беше означен како главен кандидат за испаѓање.
Во тие околности, речиси со сила, ја преземав тренерската функција. Не од амбиција, туку од потреба да имам и практична надлежност идејата филозофијата и горе наведените принципи да ги проверам во пракса…. И, да го видам резултатот!
Немавме услови за врвна физичка подготовка. Немавме ростер, немавме пари (бевме „казнети“ поради инсистирањето на зачувување на спортскиот морал и вредности.)
Ставивме акцент на менталниот пристап, со потенцирање на избор на одлуката, кога, каде, како и пред се зошто.
Одлуката кога да се активира притисокот.
Одлуката каде да се затвори просторот.
Одлуката како да реагира тимот.
И одлуката зошто – што сакаме да предизвикаме кај противникот.
Во истата полусезона тимот стигна до четвртото место.
По натпревар со Ленс, нивниот тренер изјави дека не можел тактички да парира.
Во домашното првенство, тренерот на Силекс, пак странец, изјави дека Цементарница игра тактички најдобро.
Моделот функционираше.
ДЕЛ 3 – Прашањето
Бодо денес ни го покажува истиот принцип на европска сцена. Пред се и над се, ментална стабилност и доверба во сопствените способности и можности.
Рационална дефанзивна одлука. Брза и квалитетна офанзивна одлука. Контрола на темпо. Одржување на форма и кога нема домашно првенство. Прашањето не е дали Бодо е урнек.
Прашањето за нас е: Имавме модел. Беше поддржан. Даде рекорд. Беше тактички потврден. Зошто не продолживме? Дали не го препознавме потенцијалот? Или не сакавме да го препознаеме?
Прашањето, објективно, навлегува на терен на анализа на сопствениот карактер, менталитет. Страв од ново, страв од промени, сето како разултат на недоволна самодоверба.
Добрата вест е дека денес некои помлади тренери почнуваат да ги препознаваат овие принципи. Еден од нив е и Југослав Тренчовски, со кого во повеќе наврати сме разговарале токму на овие теми. Неколку, исто помлади тренери, исто почнаа да ја препознаваат вредноста на таков пристап. Стравот од влегување во непознат простор, „во длабокото“ исчезнува. Без зголемено ментално учество дефинитивно веќе нема напредок.
ПОУКА
Многу работи имаме, како потенцијал. Зошто не ги користиме!? Сигурно разбирате што значи тоа компаративна предност. Се обидов тоа да му го објаснам на еден наш премиер.
Грубо речено: повеќе ни се исплати да „садиме“ играчи отколку пиперки!
Што се Црногорците подобри или попаметни од нас за да главниот (нето) девизен прилив го остваруваат од фудбалот?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

