Самсунспор со „џокер“ од клупата ја совлада Шкендија (ВИДЕО)

Минимална победа од 0-1 на Самсунспор на гостувањето против тетовска Шкендија вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“. Турската екипа стигна до вредна  победа благодарение на гол во вториот дел, на нововлезениот Муандилмаџи. Фаворитот ја оправда улогата, и дојде до победата, остварена потешко од очекувањата. Иако можеше и многу порано да поведе, со оглед дека во првиот дел промаши и пенал, сепак, на крајот се стекна со предност пред реваншот на свој терен. Шкендија, пак, може на некој начин и да жали не само поради доцна примениот гол, туку и поради тоа што имаше две добри шанси во текот на целиот меч, од кои мораше да профитира на вакви мечеви.

Иако и двата тима имаа шанси, првиот дел заврши без победник. Поседот на топката беше на страната на Самсунспор, кој се обидуваше со кратки додавања на средината и преку крилата да дојде до позиција за удар. Ја „скршија“ одбраната на Шкендија уште во 4. минута, кога Фетаи стартуваше над Асуму во шеснаесетникот, по што Турците имаа шанса преку пенал да поведат.

Меѓутоа Ндиаје од белата точка шутираше само над голот, и така немаше рано гостинско водство.

На другата страна, пак, Шкендија трпеливо чекаше грешка на противникот, и брзата трансформација од одбрана во напад им овозможи да имаат прилика во 17. минута преку Тамба, кој отиде премногу десно, па така му беше скратен алогот да шутира, и му овозможи на Кочук лесно да одбрани.

На спротивната страна Асуму, најактивниот во првиот дел за Самсун, но Гаје одлично одбрани. Доминацијата во поседот на топката на Самсун му донесе нова шанса во 39. минута, и одново Ндиаје, овојпат се најде осамен на 5-6 метри, но завршницата одново катастрофална – топката заврши над голот.

Ништо поразлична сликата не беше ниту во вториот дел. Самсун ја имаше топката, а Шкендија како да чекаше грешка или некој прекин да се закани. Благодарение на индивидуалната акција на Ибраими, кој мина тројца фудбалери, се изроди шанса за тетовскиот тим. Искусниот Ибраими се најде во супер позиција, но мораше да шутира со послабата лева нога, па топката отиде само крај голот.

На другата страна најопасниот во редовите на Самсунспор, Асуму се закани, но одлично одбрани Гаје.

Беше тивко во продолжение, се одеше кон тоа овој меч да заврши без голови, меѓутоа Самсун извади „џокер од ракавот“ во името на Муандилмаџи. Нововлезениот фудбалер во 77. минута успеа да погоди во мрежата по центаршутот на Холсе од левата страна. Од 5-6 метри од прва ја погоди целта за водство на Самсун.

Потоа турскиот тим ја „умртви“ играта, со додавања ги тераше фудбалерите на Шкендија да трчаат и да се трошат, а тиа задржуваа време да стигнат до победата. Една акција во 88. минута му овозможи и шанса преку Мунадилмаџи да стават и печат на триумфот, но гостинскиот играч шутираше само крај голот. Тоа беше и последната прилика од овој меч, од кој Самсун излегува како победник, а за Шкендија ова е прв пораз на домашен терен во Лигата на Конференции сезонава.

Се вчитува...