Тензии во финишот донесе прволигашкиот натпревар помеѓу Вардар и Башкими, во кој беше исклучен гостинскиот играч Реџеп Мурати, а потоа настана мешаница на средината на теренот помеѓу двете клупи.
Протестите од страна на играчите на Башкими не дадоа плод, а од ФФМ излегоа со објаснување по повод црвениот картон и инцидентот.
„Во однос на денешниот натпревар од 19. коло на Прва МФЛ помеѓу ФК Вардар и ФК Башкими, во 87. минута беше доделен директен црвен картон за играчот со бр. 3 од гостинската екипа поради плукање кон судијата.
Главниот судија се наоѓаше на оддалеченост од околу еден метар од настанот, јасно го забележа плукањето и без двоумење правилно покажа директен црвен картон. Ова крајно неспортско однесување беше потврдено и од ВАР-судиите, врз основа на јасен видео-доказ од моментот на инцидентот.
Потоа, претходно исклученото службено лице од клупата на ФК Башкими недозволено влезе во теренот за игра, провоцирајќи и започнувајќи конфронтација со активниот играч на ФК Вардар, Бобан Николов. Ваквото однесување е крајно неспортско и недозволиво, особено имајќи предвид дека лицето беше исклучено во првото полувреме и во никој случај не смееше да влезе на теренот.
Причината за конфронтацијата и исклучувањето произлегува исклучиво од недозволивото однесување на играчот со бр. 3, кој плукна кон судијата, како и од недозволеното влегување на исклученото службено лице на теренот, кое започна конфронтација со играчот на ФК Вардар, Бобан Николов, кој потоа оправдано беше дисциплински санкциониран со жолт картон.
Воедно, заради целосна информираност и транспарентност, претставник на ФК Башкими може во секое време да го посети ВАР-центарот на ФФМ, да го прегледа видео-материјалот и да ја преслуша целосната комуникација помеѓу главниот судија и исклучениот играч, како и комуникацијата меѓу судиите.
Истовремено, информираме дека натпреварот, поради изгубеното време, беше продолжен за 10 минути, а главниот судија го заврши по истекот на надополнетото време. Прикажаното надополнето време од +18 минути на ТВ екраните претставува техничка грешка на продукцијата.“, велат од ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

