Ѓошевски и Грозданоски во новиот проект ФК Илинден – Четири терени, стадион со нова трибина, рефлектори, клуб за промоција и развој на млади македонски фудбалери! (ВИДЕО)

Македонскиот фудбал со стартот на актуелната сезона доби и нов проект, можеби и првпат од ваков тип и на вакво ниво – ФК Илинден. Фудбалскиот клуб во општина Илинден овој пат со единствена цел, поддршка, промоција и развој на младите македонски фудбалери.

Носители на проектот се истакнатите домашни фудбалски имиња Влатко Грозданоски и Никола Ѓошевски кои во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, меѓу бројните теми, и детално ја презентираа идејата на својот проект чија цел е пред се единствено влез во Втората лига каде ќе се исклучиво со млади македонски фудбалери на возраст од 16 до 19 години, како нивна подготовка за влез во елитниот фудбал. Паралелно со тоа и максимално обезбедена соодветна спортска инфраструктура…

„Започнавме со еден проект ФК Илинден, кој дојде како идеја од пред некоја година. Фудбалската школа Грозданоски е во Илинден, нели, па со градоначалникот на општината, господинот Александар Георгиевски, разговаравме на тема да се створи еден добар клуб во општината. Таа тема така остана се до моментот кога на Никола, со кого сме добри пријатели и од фудбалот и надвор од него, му претставив дека Илинден е општина во која што има феноменални услови да се направи еден добар сериозен клуб. Затоа што во општината има четири терени со природна трева. Сега Фудбалската федерација направи терен со вештачка трева. Во наредниот период ќе се прави и трибина, се ставаат рефлектори според ФИФА, УЕФА стандарди. Значи, општина со потенцијал да се направи еден добар клуб. Никола се познава со сопственикот на Спорт Лајф, господинот Ѓоко Стерјоски, којшто моментално е претседател на клубот, и по разговор со него му се допадна таа идеја. И почнаа посериозните разговори, заедно и со градоначалникот, околу тоа Спорт Лајф да го преземе фудбалскиот клуб Илинден во моментот. Па брзо се најдовме затоа што и претседателот е голем вљубеник во фудбалот, и се одлучи да инвестира во овој проект – ФК Илинден“ – вели Влатко Грозданоски и дополнува:

„Почетоците беа, да кажам, тешки зошто временски, многу краток период имавме да ја почнеме сезоната, и буквално за пет-шест дена формиравме екипа. Формиравме за неколку дена екипа и, еве, на полусезона сме први со јасна цел да влеземе веднаш првата година во Трета лига. Меѓутоа, пред сè, акцентот на овој клуб ќе го ставиме во развој на млади играчи. Акцентот го ставаме на развој на младинската школа на Илинден, поткрепена со, нели, децата што ги имаме во фудбалската школа Грозданоски. И, не само од Грозданоски, туку и млади фудбалери коишто би доаѓале и од други клубови на кои што ние би им овозможиле најдобар можен развој. Тоа што претходно го кажав дека периодот од 15-та години до излез од младински фудбал е најважен за развој на фудбалерите, да им овозможиме на тие млади фудбалери најдобри услови. Што значи најдобри услови? Инфраструктура добра, затоа што сите знаеме колку ни недостастува нас во Македонија тоа, и секако квалитетни, пред сè едуцирани тренери, што за мене е клучно во развојот на тие фудбалери. А, имаме големи планови со овој клуб понатаму и да им дадеме можност на тие млади фудбалери преку ФК Илинден да се доразвијат…“

ФК Илинден во најтесна соработка со Фудбалската школа Грозданоски

Еднакво е размислувањето и на Никола Ѓошевски…

„Да, целта е да направиме една платформа за млади играчи со добри услови и добри тренинзи, да го клубот развиеме преку школата на Влатко, преку турнирот „Илинден куп“, кој исто така дава еден посебен елемент на овој клуб. Да бидеме храбри во давањето шанса на младите играчи, преку влез во Третата лига за да дадеме една платформа за играње на младите играчи, посебно на таа возраст каде што тие „горат“ најмногу, меѓу 16 и 19 години, да бидеме клуб кој што ќе им дава шанса на тие играчи, ќе ги развива тие играчи, и ќе ги прави поподготвни за Прва лига кај нас. Затоа што играњето во Втора лига на сениорско ниво, на 16-17 години, ќе ти даде на твои 18 години веќе да можеш позрело да играш и во Вардар, Шкендија, Работнички. Нашата задача е таа преку Спорт Лајф, како општествено одговорна компанија која што се нафати да го финансира овој проект, преку тимот на луѓе кои што работиме таму ќе помогнеме во сето тоа, преку изборот на добри тренери во нашите млади категории, преку селекција на играчи, преку добар тренажен процес, да успееме во тоа и да бидеме еден добар клуб за млади играчи“ – вели Ѓошевски.

Според првичните цели, плановите се да се игра единствено до Втора лига како би се давало исклучиво шанса на најголемите македонски таленти. Но, дали може понатака да пораснат амбициите и за влез во Прва лига, па и европска сцена потоа?

„Дали ќе пораснат амбициите? Сега за сега, не. Нашата амбиција е да се остане тука, бидејќи и од наше искуство знаеме дека тој ден кога ќе пораснат и амбиции за Прва лига, тоа ќе биде почетокот на крајот – на крајот на клубот. Поради тоа што тоа е многу скапо. Тоа е многу нервозно. Нашето искуство говори дека најдобро да се остане, здравје, во Втора лига, каде што тие млади играчи ќе играат, ќе доаѓаат во клубот, па ќе одат, па ќе доаѓаат нови млади, па ќе одат, и при тоа да немаме притисок за успех, за влез во Прва лига. Само така ќе можеме да направиме еден добар клуб, кој што ќе биде препознаен по тоа, и нашите клубови во Прва лига, пред сѐ, да знаат дека кога ќе земат играч од Илинден, дека тоа е добро истрениран фудбалер, дека земаат прав играч и дека немаат голем ризик. Тоа е нашата цел – тоа да го постигнеме,така да уште сме на почеток. Но, уште од сега следиме играчи, следиме тренери, што е, исто така, многу важен аспект според нас. Бидејќи како што селектираме добри играчи, сакаме да селектираме и добри тренери. Тоа е една од тајните на успехот на секој клуб. Фокусирани сме околу тоа, работиме, добар тим сме и мислам дека ќе направиме добар клуб“ – истакнува Никола Ѓошевски.


================================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...