Македонскиот фудбал повторно обременет со инциденти кои се чини и тоа како штетат на обидите за стабилизирање на прволигашката сцена, а кои ако се навлезе малку подлабоко во нивната суштина и немаат некоја спортска тежина, но во голема мера исценираност за отргнување на вниманието од желбата за заштита на интегритетот на фудбалската игра, која е активирана изминатиов период, а за која јавноста се уште ги нема целосните детали.
И повторно во фокусот на вниманието, фудбалскиот клуб Башкими, и тоа во моменти кога, како што дознаваме од извори од Фудбалската федерација на Македонија, повторно е под истрага поради сомнежи за местење натпревари и манипулација со резултати во првата полусезона од Првата македонска фудбалска лига.
Добро е познато дека ФК Башкими веќе е вклучен во скандалот со натпреварот против Кожуф од минатата сезона во Втората лига, по кој неколку лица добија доживотна суспензија од ФФМ. А сега, според информации од „Куќа на фудбалот“, во тек е обемна истрага во која ФК Башкими се поврзува со сомнителни активности поврзани со обложување на сопствени натпревари. Извори блиски до процесот тврдат дека сомнежите не се базираат само на индиции, туку и на конкретни финансиски траги, со трансакции кои наводно водат до лица од највисоките раководни структури на клубот.
Доколку доказите бидат формално потврдени од надлежните институции, последиците би можеле да бидат драстични, како што велат од ФФМ, и со одземање бодови и високи парични казни, па сè до исфрлање од лигата и преселба во најнизок ранг на натпреварување. Сето тоа како нов тежок удар за кредибилитетот на домашното првенство, кое изминативе години секако се мачи со сомнителните „газди“, сомнителните резултати, и клубови за кои фудбалската игра и нејзиниот развој, и тоа како не се од сериозен интерес, но очигледно некои други „матни цели“.
Затоа некако смешно изгледаат вчерашните случувања на дуелот со Вардар, и објаснувањето од страна на ФК Башкими дека нивната желба да се напушти еден натпревар била поради навреди на националистичка основа од трибините. Факт е дека националистичките испади се и тоа како сериозен проблем на македонските спортски арени, кои со осуда се доживуваат од секој искрен вљубеник во спортот па и од целата неполитизирана спортска јавност. Но, тие ниту почнаа на вчерашниот натпревар, ниту се исклучок само на тој дуел, ниту ќе завршат со тоа… За жал, „живеат“ безмалку на секоја средба, и на двете страни, сериозен социјален и општествен проблем против кој мора да биде активирана силна борба од сите надлежни домашни институции.
Но, и тоа како, осамнува прашањето, дали сето тоа е дефокус од потврдата на индициите за нарушување на интегритетот на фудбалската игра!? Факт е дека, со оглед на сериозноста на најновите истраги, се очекува транспарентна и независна постапка. Доколку доказите се потврдат, тоа би можело да отвори едно од најголемите прашања за интегритетот на македонскиот фудбал во последната деценија. Посебно, што веројатно, и апсолутно не е изолиран случај!
Непотребна „политизација“ на некаков наводен „случај знамиња“ во Арачиново
Несоодветен е и обидот на случајот од дуелот меѓу Башкими и Вардар да му се даде и политичката димензија, поврзувајќи го со некакви наводни „инцидентни случувања“ и на дуелот од Втората лига меѓу Шкендија Арачиново и Преспа.
Да, за жал, политиката, ниту е, ниту некогаш била надвор од македонскиот спорт. И тоа, да не се лажеме, му е јасно на секој кој малку следи спорт… Но тоа и тоа како им е повеќе од јасно и на структурите во и околу Башкими и Шкендија Арачиново, затоа што е факт дека и самите се под силно „политичко опкружување“ уште многу години наназад, само што тогаш „мудро се молчеше“ за влијанието на политиката, па затоа и во јавноста се отвораат прашања за улогата на претставници на ДУИ, кои и нескриено сега застанаа во одбрана на Шкендија.
А, не е тајна поврзаноста на ФК Шкендија Арачиново со претходното раководство на Фудбалска федерација на Македонија, и, според извори од ФФМ, префрлените финансиски средства од федерацијата до клубот, наводно „по грешка“ а без претходно формализирана одлука, и притоа без постоење јавно објавени податоци дека истите биле вратени. До денес, јавноста нема добиено прецизно и транспарентно објаснување за околностите под кои е реализирана исплатата.
Факт е дека Шкендија Арачиново, актуелнава сезона, ако се суди и според досегашните изјави на нивните претставници за максимална коректност, ужива еднаков третман како и сите други клубови. И во однос на судиските одлуки и во однос на организацијата на гостинските натпревари, како и во однос на релациите со ФФМ, за што, во најмала рака, потврда се досегашните резултати и пласманот во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Затоа изненадува последниот случај со некаков проблем за знамиња, кој го издвојува прашањето дали е спонтан инцидент или, пак, внимателно одбрана ситуација, силно активирана во јавноста, со цел да се создаде перцепција на неправда и притисок врз институциите, што би послужило како оправдување во спортски контекст, и обид да се креира алиби за евентуален неуспех во Втората лига. Бидејќи сосема непотребно се активира овие два дена силна „политичка кампања“ која не носи добро за единството на македонскиот фудбал – посебно она кое е силно промовирано под националното знаме во македонската репрезентација. И пред баражот за пласман на СП 2026!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

