По вчерашните најави за сомнителни дејанија од страна на ФК Башкими со нарушување на интегритетот на фудбалската игра, денеска и први детали за местени натпревари, во кои е вклучен кумановскиот клуб а во насока на финансиска добивка на луѓе блиски до прволигашот.
А, во најновиот скандал е активирана и УЕФА која го истражува случајот на сомнителни игри на натпреварот Башкими – Вардар Неготино (5-2) кој е одигран на 24 март минатата година во Втората македонска фудбалска лига. Од Европската куќа на фудбалот притоа ја информирале и ФФМ, со допис дека се води детална истрага за лица вклучени во скандалот, која понатака го проследува случајот до надлежните државни институции.
Ланец на обложувалници во Австрија веќе објавил дека се извршени 14 уплати за различни игри на спомнатиот натпревар.
Од четири сметки од Австрија било типувано на победа на домашниот тим и гостите да постигнат најмалку еден гол, со што уплатените тикети донеле добивка од неверојатни 40.000 евра. За овој случај веќе има покренато постапка од македонската полиција, која ги известила Обвинителството во Куманово и соодветните инстанци. По прегледување на IP адресите на лицата кои ја извршиле уплатата, наводно сомнежот е насочен кон лица блиски до сопствениците на Башкими. Се очекува отпочнување на истрага и разјаснување на случајот, пишува „Гол.мк“., од каде изнесуваат документи со докази за уплатата во австриските обложувалници.
Според последните информации, по заокружување на комплетната истрага, се очекува да биде откриено повеќе детали за тоа кои лица биле инволвирани во местењето на натпреварот меѓу Башкими и Вардар Неготино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

