„Ракометна бомба“ во најава: Душебајев, селектор на Франција

Франција се подготвува за сензационална промена на кормилото на националниот тим, на кое би требало да се најде легендарниот Талант Душебајев.

Се почна со денешната најава на Француската Ракометна Федерација дека за вечерва е закажана прес-конференција на која присутен ќе биде и селекторот Гилјом Жил. Актуелниот кормилар има освоено две злата на големите натпреварувања (на ОИ 2021 и на ЕП 2024), но фактот дека Франција не влезе во Топ 4 на последниот европски шампионат сериозно ја разниша неговата позиција.

Француските медиуми најавуваат дека Жил вечерва ќе се повлече од селекторската функција, а во меѓувреме од Полска пристигна „трансфер бомбата“ – дека Душебајев ќе биде неговиот наследник како кормилар на „триколорите“.

Легендарниот стратег го води полски Киелце, но би добил зелено светло од клубот за паралелно да ја извршува и оваа функција, една од најеминентните во светскиот ракомет. Тој би станал првиот странец – селектор на Франција, но останува да се види дали овие сензационални најави ќе се реализираат, или можеби Жил сепак ќе остане на чело на францускиот национален тим и во иднина.

Се вчитува...