Големо задоволство владее во таборот на Јувентус откако „старата дама“ со фантастичен камбек се врати од два гола негатива и ремизираше 3-3 на гостувањето против Рома.
Ова беше директен дуел за четвртото место на табелата кое води во ЛШ, „црно-белите“ од Торино се повеќе заостануваат по слабите резултати во последно време, но Федерико Гати, кој го постигна израмнувачкиот погодок во судиското продолжение, верува дека токму со овој покажан карактер Јуве може да стигне до пласманот на табелата што го заслужува.
Гати влезе во игра во 88. минута, веднаш се упати пред противничкиот шеснаесетник, а во клучните моменти се најде на вистинското место и го матираше Свилар.
„Бев загрижен дека сум во офсајд, пресреќен сум што голот беше регуларен. Ако загубевме Рома ќе имаше предност од седум бода и ќе беше претешко, вака се уште сме во игра. Јувентус е тим со карактер, а кога се игра вака и кога се верува, ништо не е невозможно. Ова реми нека ни послужи како темел за уште подобри игри и резултати до крајот на сезонава“, изјави Гати по мечот.
„Дефинитивно им покажавме на сите дека имаме срце, душа и карактер. Ако успееме да реализираме повеќе од шансите што ги создаваме, ќе биде идеално, тогаш нема да ни биде потребен ваков камбек. Луѓето можат да зборуваат се и сешто за нас, но никој не смее да каже дека Јувентус нема карактер“, додаде голманот Матиа Перин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

