Кошаркарите по нов триумф: Фаворитската улога да се оправда и во Баку

Македонската кошаркарска репрезентација денеска со почеток во 17 часот ќе гостува на селекцијата на Азербејџан во Баку, во обид да стигне до четвртата победа во низа во претквалификациите за Евробаскет 2029.

Апсолутно е јасно, Македонија важи за голем фаворит против ривалот што пред неколку месеци го совладавме со 87-49 во Скопје, но новиот селектор Берокал јасно стави до знаење дека покрај резултатот акцент ќе стави и на играта, се со цел нашиот национален тим да напредува од натпревар во натпревар и на едно повисоко ниво да ги дочека наредните предизвици – главните квалификации за претстојниот Евробаскет.

Берокал имаше успешно деби на клупата на Македонија на дуелот со Луксембург во петокот, а шпанскиот стратег не крие дека очекува нивото на одбрана што беше демонстрирано во првото полувреме од тој меч овојпат да биде задржано уште подолг период од мечот.

„Победата е важна за почетокот на овој проект. Не смееме да заборавиме дека сме заедно само четири дена што не е лесно и за мене како тренер и за тимот. Имаше добри работи, како трчањето и одбраната. Но имавме и падови во играта што не смеат да ни се повторат. Треба само да го зголемиме бројот на добри минути во играта, да ја движиме подобро топката и да играме како тим, а не индивидуално“ – истакна Шпанецот на клупата на македонскиот национален тим.

Се вчитува...