„Макпетрол“ освои четири медали на Балканското карате-првенство во Бања Лука

Јована Мицовска и Викторија Јовановска од „Макпетрол“ освоија бронзи на Балканското првенство за сениори во Бања Лука. Каратистките на скопскиот клуб ги освоија единствените одличја за Македонија на натпреварувањето.

За македонската репрезентација од сениорскиот тим на „Макпетрол“ на регионалниот шампионат настапија шест спортисти. Две бронзени медали се освоени во поединечните настапи, и два медали во екипниот дел. На Балканското првенство настапија 313 каратисти со 343 натпреварувачки влезови од 11 држави.

Тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски, кој беше и натпреварувач, по турнирот во Бања Лука изјави:

– Сите наши каратисти прикажаа модерно карате и имаа максимална борбеност и желба за успех. Конкуренцијата беше голема и квалитетна, учество земаа многу повеќекратни европски и светски шампиони од балканските држави. Во поединечните настапи, вториот ден од првенството, Јована Мицовска го освои првиот бронзен медал за Македонија во дисциплина борби (-61 кг.). Потоа медали освои и нашата спортистка Викторија Јовановска во истата тежинска категорија. Минатата година на сениорското Балканско првенство во Будва двете спортистки на „Макпетрол“ беа во финалето. Една година подоцна двете спортистки освоија бронзени медали. Малку требаше повторно да имаме македонско финале и на ова Балканско првенство – рече Заборски.

Се вчитува...