Кошаркарската репрезентација на Македонија стигна и до четвртата победа во исто толку натпревари во претквалификациите за пласман на ЕП 2029 година откако вечерва потешко од очекуваното славеше на гостувањето кај аутсајдерот Азербејџан со 70-78.
Иако во еден момент во првиот дел нашите кошаркари имаа негатива од 18 поени, сепак со стрплива и мирна игра на крајот успеаја да се радуваат и на четвртата победа во овие претквалификации.
Домаќините на овој натпревар подобро отворија и по три мунити игра стигнаа до плус осум 10-2. Како одминуваше првиот период нашите кошаркари играа се подбро па на четири минути до крајот на воведната четвртина стигнаа на само еден поен негатива 16-15. Сепак, следуваше нов голем пад, посбено во играта на одбрана, па Азербејџанците го завршија првиот перидод со позитива од 28-19.
Катастрофалната игра на нашиот национален тим продолжи и во вториот период. Едноставно не можевме да погодиме од ниту една позиција, а Азербејџанците го полнеа нашиот кош, па во 14. минута стигнаа и до највисоки во тој момент 36-21. Да биде поголем проблемот најискусниот во тимот Војдан Стојановски се пожали на болка во задната ложа и не се ни врати до крајот на полувремето во игра. Домаќините имаа и плус осумнаесет 43-25, но нашите играчи некако успеаја до паузата меѓу двете полувремиња да ја намалат негативата на пристојни 44-37.
Не одигравме ништо посебно ниту во третиот период, но на висина на задачата не беа ниту Азербејџанците па тоа доведе по 30 минути игра со поени на Андреј Магдевски конечно да стигнеме до водство 56-58. Во последниот период конечно заигравме на ниво и на крајот стигнавме и до релативно лесен триумф од 70-78.
Андреј Јакимовски со 22 поени беше убедливо најдобар поединец во таборот на нашиот тим, додека Стојан Ѓуровски уфрли 10 поени. Кај поразените недоволни беа 23 поени на Весли ван Бек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

