Димитрис Итудис го води тимот на Хапоел Тел Авив, но грчкиот стратег не крие дека е тешко човек да остане фокусиран на кошарка во време на воениот конфликт меѓу Израел и Иран.
Тој обелодени дека морал даа замине во хотел откако ирански проектил паднал во близина на неговиот апартман.
„Мојот апартман се наоѓа во центарот на Тел Авив, веднаш до грчката амбасада. Во еден момент се слушна силна експлозија, пукна бомба на околу 700 метри од станот во кој живеев, за жал една жена го загуби животот. Никој не треба да доживее такво нешто, морав веднаш да се спакувам и да заминам во хотел во периферијата“, истакна Итудис.
Хапоел неодамна почна повторно да ги игра своите домашни средби во Евролигата на израелско тло, но јасно е дека тоа веќе е невозможно.
„Не верувам дека во блиска иднина ќе се игра кошарка во Израел. Успеавме да заминеме од Тел Авив благодарение на големите напори на нашето раководство, ќе ја напуштиме државата и ќе видиме каде ќе продолжиме да се натпреваруваме“, обелодени тренерот на Хапоел.
Израелското дерби меѓу Макаби и Хапоел што требаше да се игра в четврток е одложено, но последните информации говорат дека овој меч би можел да биде одигран веќе в понеделник во Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

