МЗТ Скопје ја продолжи победничката серија во Супер-лигата, славејќи на дербито со Пелистер со резултат 87-73, на дуелот што го одбележа и почетокот на прославата на јубилејниот 60. роденден на аеродромци. И без повредениот Војдан Стојановски „металците“ успеаја да стигнат до посакуваниот триумф, во последната четвртина кршејќи го отпорот на битолчани кои одлично парираа во првите 30 минути од овој натпревар.
Марин Петков одлично го отвори мечот постигнувајќи ги првите пет поени за МЗТ Скопје (5-2), но Пелистер имаше одговор. Колективната игра на битолчани, како во нападот, така и во одбраната беше на највисоко ниво, не дозволувајќи им на аеродромци да се одлепат во раната фаза на мечот, па првата четвртина заврши со 18-19, со поените на Вилсон. Почетокот на вториот период донесе бројни промашени удари од далечина на „пелистерци“, што тимот на МЗТ знаеше како да го казни и да поведе со 29-21. Шампионот неколку минути подоцна имаше и 39-31, но битолчани покажаа карактер и се вратија, со четирите поени на Стајиќ во последните триесетина секунди на одмор заминувајќи со само еден поен негатива (42-41).
Охрабрени по одличнот финиш на вториот период, битолчани беспрекорно ја почнаа третата четвртина, со серија успешни напади поведувајќи со 44-51 со тројката на Брејси Дејвис. Следеше период на подобра одбрана на МЗТ, погодени тројки на Магдевски и на Смит Мекаувен, пред Петков со три слободни фрлања да донесе израмнување (53-53, 26. минута). Капитенот Стојановски ја продолжи серијата на МЗТ, а по неговата тројка за 56-53 следеше тајмаут на гостинскиот тренер Даскаловски. Џенкинс погоди „три плус еден“ и за момент го врати Пелистер во водство, МЗТ одговори со четири поени за 60-57, за во последните десет минути да се влезе со предност на „сино-белите“ од 63-60.
„Металците“ влегоа поквалитетно во четвртата четвртина, примија само три поени за три минути и се одлепија на 71-63. Даскаловски побара тајмаут, но аеродромци стигнаа до 75-65 со поените од контранапад на Мекаувен, прво двоцифрено водство на еден од тимовите во ова големо дерби. Пелистер немаше сили да се врати, МЗТ го исконтролира резултатот до самиот финиш, на крајот славејќи со конечни 87-73.
Американците беа во главна улога кај шампионот, Мекејден ги предводеше стрелците со 24 поени, пред Смит Мекаувен со 16 и Гил со 15 поени. Кај Пелистер најефикасни во овој пораз беа Вилсон со 17 и Стајиќ со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

