МЗТ Скопје се соочува со огромен предизвик во последното коло од АБА2 лигата, во кое на македонскиот првак му е потребно чудо за да стигне до пласман во нокаут фазата од регионалното натпреварување.
Имено, аеродромци вечерва во 20 часот му гостуваат на Широки Бријег, тим што беше лидер на табелата во пресрет на оваа последна рунда. МЗТ не само што треба да победи, туку и таа победа мора да биде изразена со најмалку 15 поени разлика ако македонскиот тим сака да обезбеди пласман во четвртфиналето.
Неколкуте слаби игри беа скапо платени и придонесоа МЗТ да се најде на работ на амбисот, иако амбициите на македонскиот првак гласно потенцирани на стартот од сезонава беа – влез во АБА1. Згора на тоа, вечерашната клучна битка „металците“ ќе ја водат без својот најдобар кошаркар, репрезентативецот Војдан Стојановски кој не настапи на дербито со Пелистер, а ќе биде „во аут“ и за овој дуел.
„Свесни сме дека се наоѓаме пред голем императив, да победиме на теренот на една од најдобрите екипи сезонава во АБА2, а згора на тоа триумфот да биде максимално убедлив. Секако дека нема однапред да се предадеме, туку ќе играме максимално борбено и фокусирано до последниот звук на сирената. Ќе дадеме се од себе да дојдеме до бодовите со потребната разлика за да се пласираме во плејофот, а дали ќе успееме во тоа ќе покажат 40-те минути од овој натпревар“, истакна тренерот Васко Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

