Малешевиќ: Мотивирани сме за победа над Куманово

Пеколниот распоред натпревари за Пелистер по репрезентативната пауза продолжува веќе утре, со домашниот дуел против екипата на Куманово (19 часот, сала „Боро Чурлевски“).

Добро познато е што се случуваше на последниот дуел со овој ривал, во рамките од Купот на Македонија, што сигурно ќе биде мотив плус за сите во екипата да одиграат квалитетни 40 минути и експресно да се вратат на победнички патеки по поразот од шампионот МЗТ Скопје минатиот викенд.

Пелистер знае како се победува Куманово, впрочем тимот на Боро Даскаловски го совлада овој ривал на гостински терен во првиот круг од Супер-лигата, а „зелено-белите“ ќе сторат се за таков исход да има и утрешниот дуел, со што Пелистер  би се зацврстил на третото место на табелата во пресрет на плејоф-доигрувањето.

Многу работи во играта на Пелистер зависат од Никола Малешевиќ, искусниот српски кошаркар кој игра во одлична форма.

„Максимално сме мотивирани и желни да стигнеме до победата против Куманово. Играме со ривал што е дисциплиниран во нападот, голем дел од тактиката е на нивните високи играчи, но имаат и кошаркари  што знаат да погодат од далечина, така што можат да бидат крајно незгодни. Верувамм во нас, нашата предност е во трчањето, во транзицијата и во агресивноста. Клучно ќе биде да го наметнеме ритамот што ни одговара на нас, ако го сториме тоа верувам дека на крајот ќе стигнеме до победата“, вели Малешевиќ во пресрет на утрешниот натпревар.

Се вчитува...