Лидерот во домашното првенство екипата на Вардар на домашен терен денеска од 14:30 часот ќе го стартува третиот и воедно последен круг од годинешниот државен шампионат. „Црвено – црните“ се враќаат на Арената „Тодор Проески“ откако неколку мечеви ги одигра на комплексот Петар Милошевски, а денеска таму пристигнува екипата на АП Брера Струмица.
Екипа која што пролетва нанижа неколку добро одиграни средби, и која секако дека посакува на нашиот најголем стадион да се прикаже во најдобро светло.
„Нормално дека како и на секој меч и денеска се очекува наш триумф. Ова е Вардар и нема отстапки од тоа. АП Брера е квалитетен ривал, но ние немаме друга опција освен три бода. Арената секогаш е мотив плус да се одигра супер меч, во најдобри можни услови“ – велат од таборот на „црвено – црните“.
Младиот тим на АП Брера успеа да освои важен бод на гости против Шкендија играјќи 1-1 во минатото коло. Стрелец на израмнувачкиот гол беше дефанзивецот Виктор Велкоски кој успеа да погоди во 95. минута.
После Тетово и дуелот со Шкендија, на стартот на третиот круг од првенството составот на АП Брера има уште една екстремно тешка задача. Му гостува на лидерот Вардар на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„Ништо нема да менуваме. Вардар е огромен мотив за нашите млади фудбалери и доаѓаме во Скопје со намера да се надигруваме“, порачува стратегот Мартин Алаѓозовски.
АП Брера во овој дуел влегува од осмата позиција со 28 освоени бодови, додека Вардар е лидер на табелата со 55 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

