ГРК Охрид: Поради случувањата на дуелот меѓу Алкалоид и АЕК, нема да има гостински навивачи во двомечот со Олимпијакос

Македонскиот ракометен суперлигаш ГРК Охрид со соопштение објави дека двомечот против грчки Олимпијакос ќе биде без гостински навивачи.

Како причина за ова се наведува ситуацијата од ланското финале меѓу Алкалоид и АЕК во кој Грците не сакаа да излезат на теренот во „Борис Трајковски“.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на ГРК Охрид.

„Почитувани симпатизери, навивачи на ГРК ОХРИД и љубители на ракометната игра! Имајќи ги во предвид немилите настани кои се случија за време на одигрувањето на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во натпреварувачката сезона 2024/2025 кој требаше да се одигра во Скопје помеѓу екипите на РК Алкалоид од Република Македонија и РК АЕК од Република Грција, а кој поради веќе познати причини не беше одигран, Ве информираме дека по барање на Европската Ракометна Федерација, ГРК Охрид и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација овие минати денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери на натпреварите на кои ќе се јават како организатори од четврт-финалната фаза на ЕХФ Европскиот Куп. ГРК Охрид ќе биде домаќин на вториот ¼ финален натпревар, кој ќе го одигра против екипата на РК Олимпијакос на ден 04.04.2026 година во 18.00 часот во СРЦ Билјанини Извори Охрид.
Сите во сала, сите за историја, сите за Охрид!“, стои во соопштението на ГРК Охрид.

Се вчитува...