Англичаните покренаа постапка за недолично однесување на Тудор

Менаџерот на Тотенхем, Игор Тудор, се соочува со обвинение за недолично однесување од страна на Англиската фудбалска асоцијација (ФА) поради тврдењата дека судијата Томас Брамал го фаворизирал Фулам во поразот на Спарс од 2-1 во лигата.

Тудор остро го критикуваше судењето по натпреварот одигран на 1 март, тврдејќи дека Брамал „не разбира фудбал“.

Хрватскиот тренер беше особено лут за првиот гол на Фулам, за кој верува дека е постигнат по прекршокот на Раул Хименез врз Раду Драгушин, непосредно пред Хари Вилсон да ја затресе мрежата. Во разговор за Би-Би-Си по натпреварот, Тудор рече:

„Не ми се допадна судијата денеска, премногу го протежираше домашниот тим. Не сум задоволен од неговото судење. Сите одлуки беа во нивна корист. Тој не го разбира фудбалот, нема чувство што е правилно, а што погрешно“.

Реакција на Фудбалската асоцијација на Англија

ФА соопшти дека Тудор „наводно се однесувал несоодветно за време на интервјуто по натпреварот, давајќи изјави што имплицирале пристрасност и/или го доведувале во прашање интегритетот на судијата и/или биле лично навредливи за судијата на натпреварот“.

Спарс и 47-годишниот Тудор имаат рок до понеделник да одговорат на обвинението.

Се вчитува...