Загреб ја продолжи традицијата да носи засилувања кои се поранешни ракометари на Вардар, па така хрватскиот ракометен гигант денеска го официјализираше трансферот на Глеб Калараш, 35-годишниот руски интернационалец кој своевремено со успех ги бранеше црвено-црните бои на Вардар.
Калараш настапува на пивотменската позиција, но доаѓа како засилување за одбраната и наследник на Јаков Гојун, кој летово ќе стави крај на својата фантастична кариера. Русинот ќе ја доврши сезонава во дресот на Пик Сегед, по што ќе следи преселба во главниот град на Хрватска.
„Чувствував дека ми беше потребна промена, нов предизвик, а Загреб ми го нуди токму тоа. И секако, повторно да играм во Лигата на Шампионите“, изјави Калараш на официјалната промоција.
Тој ќе го носи дресот со број 30 во новиот клуб, а интересно е што Хрватите направија лапсус, на промоцијата му го утнаа презимето и тој се сликаше со дрес со Каралаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

