Башкими денеска по победа, но од Шкупи порачуваат: Респект за сите од Првата лига кои не почитуваат и нас!

По неочекуваниот пораз од тимот на Работнички, фудбалерите на Башкими се максимално фокусирани и решени да ги освојат наредните три бода со цел да ја осигураат својата позиција во средината на табелата во Првата лига.

Оптимизмот во таборот на кумановци се заснова и на последниот меѓусебен дуел на овие две екипи, во кој Башкими извојува чиста победа од 2-0 со головите постигнати од страна на Ор и Рибеиро. Напаѓачот на Башкими, Филип Алексовски, цврсто верува дека победата нема да се доведе во прашање и дека сите играчи на теренот ќе го дадат својот максимум за да стигнат до посакуваната цел.

„Повторно играме против Шкупи за многу краток период, овој пат пред нашата публика. По поразот од Работнички, кој малку нè изненади, сакаме да ги израдуваме нашите навивачи со победа. Овие три бода се клучни за да ја ‘бетонираме’ нашата позиција во средината на табелата. Подготвени сме и мотивирани да го дадеме максимумот“, изјави Алексовски.

Статистички гледано, Башкими досега има подобар учинок во меѓусебните пресметки со пет остварени победи, наспроти трите триумфи на Шкупи, додека само еден натпревар завршил без победник.

Но, и од Шкупи продолжуваат со потрагата по првата победа во оваа сезона. Како што одминуваат натпреварите во домашниот фудбал, оваа цел станува сè потешка, со оглед на тоа што секоја екипа се бори за опстанок, излез во Европа или за самиот врв на табелата. Сепак, сите во клубот од Чаир се залагаат за достоинствено претставување на секој натпревар, свесни дека веќе треба да се размислува за натпреварувањето во Втората лига, следната сезона.

Тренерот Алиса Виши е целосно свесен за позицијата во која се наоѓа клубот.

„Знаеме дека противникот е фаворит, но ќе влеземе со крената глава како и во секој натпревар, бидејќи сме свесни за нашата ситуација. Подобро во Втора лига, отколку клубот да згасне во Четвртата лига – нешто што никогаш не го заслужувал. Денес ние сме тие што го одржуваме клубот во живот, без интерес и без ниту еден денар. Се надевам дека еден ден трудот на овие дечиња ќе биде награден, бидејќи нивниот придонес е огромен. Токму затоа, ние сме тука за клубот. Респект за екипите од Првата лига кои нè почитуваат. Благодарен сум им бидејќи знаат дека играме со млади фудбалери и ги почитуваат, наместо да ги потценуваат“, вели Виши во пресрет на овој дуел.

Натпреварот меѓу Башкими и Шкупи ќе се одигра денеска на стадионот во Куманово, со почеток во 14:30 часот.

Се вчитува...