Мбапе: Многу лаги се кажаa за мојата повреда

Напаѓачот на Реал Мадрид , Килијан Мбапе, потврди дека е целосно закрепнат од повредата на коленото што ја претрпе минатата година, но нагласи дека „многу лажни работи се кажани“ на оваа тема, додавајќи дека неоснованите шпекулации се дел од животот на еден спортист од врвно ниво.

Шпекулациите одеа до таму што велеа дека Мбапе може многу лесно да ги скине лигаментите, и да го пропушти финишот од сезоната и Светското првенство со Франција во текот на идното лето.

„Моето колено е добро. Се подобрува. Сè е во ред и знам дека имаше многу шпекулации и беа кажани невистинити работи. Тоа е животот на елитен спортист и ние сме навикнати луѓето да зборуваат без проверка и без никаква основа“, рече Мбапе.

Францускиот интернационалец, кој им се придружи на „петлите“ за два пријателски натпревари против Бразил и Колумбија, призна дека сега е 100% подготвен и не чувствува никаква болка во коленото.

„Целосно се опоравив. Во Париз имав можност да добијам добра дијагноза. Заедно успеавме да изготвиме план за да се вратам на моето најдобро ниво со Реал Мадрид, а исто така и со поглед на Светското првенство“, додаде фудбалерот.

На прашањето како ќе се справи со зафатениот распоред на Реал Мадрид со приближувањето на Светското првенство, тој одговори дека ќе го стори тоа како и обично – со играње.

„Нема дебата за ова. Видов луѓе како зборуваат за Светското првенство. Играв на две Светски првенства. Победив на едното, а стигнав до финалето на другото. Како се подготвив за нив? Со тоа што играв на сите натпревари за мојот клуб“, објасни тој.

Се вчитува...