Поранешниот македонски селектор, легендарниот Џон Тошак се соочува со сериозни здравствени проблеми откако беше обелоденето дека 77-годишниот Велшанец има деменција што е во прогресивна фаза.
Информацијата за англиските медиуми ја потврди неговиот син Камерон, обелоденувајќи детали од секојдневието на прославениот стратег.
„Тој има деменција и сериозни проблеми во секојдневниот живот. На удар му е краткорочната меморија, не памети што се случува во текот на денот. Тој може да разговара со вас на некоја тема, а после еден час воопшто да не памети дека сте се сретнале, попладне не знае што сме зборувале тоа утро…“, открива Камерон Тошак.
Она што е интересно, легендарниот фудбалер и тренер се уште има беспрекорна меморија кога станува збор за неговите славни денови.
„Проблем му е секојдневието, но неверојатно е како памети детали од пред 50 години додека бил играч на Ливерпул или потоа како тренер на Реал Мадрид. Знае уште да анализира одредени мечеви со неверојатни детали во тактиката, како да се случиле пред неколку дена, а не пред децении“, вели синот на прославениот стратег.
Џон Тошак беше селектор на Македонија од 2011 година, под негово водство нашата национална селекција имаше една победа на осум меча, по што во август 2012 година си замина од кормилото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

