Дански експеримент со асот на Арсенал против Македонија

Данска ги финишира подготовките за бараж дуелот со Македонија што ќе се игра утревечер во Копенхаген, пресметка за која селекторот Брајан Ример се соочува со огромни проблеми поради отсуството на целата одбранбена линија.

Селекторот размислува на најразлични опции, а една од нив е враќање на Кристијан Норгард во дефанзивната линија. Асот на Арсенал најдобро се снаоѓа како последен играч за врска, но со своите квалитети и искуство може да биде од голема помош и во одбраната.

„Сите опции се отворени. Норгард има несомнени квалитети да ни помогне, но исто така и има одредени работи во кои не е толку добар на таа позиција. Како што реков, сите опции се отворени, но не сакам да говорам премногу и да им откривам на Македонците“, изјави Ример.

Она што беше очигледно, Норгард голем дел од тренингот мина со помошникот на селекторот, екс-дефанзивецот на Ливерпул, Даниел Агер.

„Не е некоја тајна, Агер е задолжен за играта од прекини кај нас. Норгард беше дел од Брентфорд, тим што перфектно ги одработуваше тие ситуации, а сега е во Арсенал, уште еден тим што постигнува многу голови по корнери. Она што Норгард може да ни го пренесе како совет и искуство во овој дел од играта може да биде многу важно за нас“, прокоментира данскиот селектор.

Се вчитува...