Седлоски: Дојдовме во Копенхаген за да ја елиминираме Данска!

ЕКИПА во Копенхаген,
Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Гоце Седлоски е категоричен кога е во прашање целта со која Македонија допатува во Копенхаген на утрешниот натпревар против Данска во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада.

„Веднаш да кажам дека Македонија е пред голем предизвик, пласман на Светско првенство. Тоа е сон на сите нас кои работиме во фудбалот во Македонија…Ги одбрав играчите кои се најзаслужни за овој пласман во баражот за Мундијал, и затоа се тука тие, и овој состав, во Копенхаген. Нормално, горд сум што и јас тука во овој бараж, но ќе повторам дека најзаслужни се играчите. И, нема што да калкулираме. Нашата цел со која дојдовме тука е да ја елиминираме Данска“ – истакна Седлоски на прес-конференцијата во Данска.

Селекторот, како што истакна, е презадоволен од начинот и односот на играчите изминативе денови на тренинзите во националниот тим.

„Видов изминативе денови на тренинзите дека постои огромен мотив за надигрување со тежок противник како Данска. И можам да кажам дека навистина сум изненаден за карактерот на овие момци кои покажуваат силна енергија на секој тренинг, и цврста решеност да остават срце на терен“ – рече Седлоски и дополни:

„Сега повеќе од нив се во одлична форма во своите клубови, па гледам во очите кај нив дека горат на терен да го покажат својот квалитет“.

Што се однесува околу составот на тимот…

„Имаме мал проблем со отсуството на Алиоски поради повреда, но сите се подготвени за вистинско надигрување. Се знае што значи да се носи македонскиот дрес, и добро знаеме што значи да се игра за Македонија. Јас веќе добро знам кои 11 ќе стартуваат на мечот, но секако не би соопштувал такво нешто. Данците, иако сите мислиме дека имаат проблеми, сепак располагаат со моќен ростер. Нападот е нивното најсилно оружје, факт е дека тие се фаворити, но се зависи и тоа како ние ќе бидеме поставени. Фокусот треба да биде кај нас, а дали кај нив некој недостасува… Воопшто не е важно дали кај нив не брани првиот голман. Тие секако имаат силен ростер, па мора ние да се фокусираме само на нас и да излеземе на терен и да покажеме што најдобро знаеме“ – рече Седлоски.

Се вчитува...