ЕНИС БАРДИ: Носиме посебни емоции за овој меч, ја чувствуваме поддршката на цела Македонија!

ЕКИПА во Копенхаген,
Владимир Булатовиќ

Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди вели дека секој во националниот тим е свесен за тежината на утрешниот натпревар, но и тоа како репрезентативците носат посебни емоции во желбата да се успее и да се помине Данска на патот до Светското првенство 2026.

„Дојдовме тука за максимално да се надигруваме со противникот. Изминативе денови добро се подготвивме, направивме добри анализи на Данците, па мислам дека сме подготвени за се што не очекува утре“ – рече Барди на прес-конференцијата во Копенхаген, и дополни:

„Сите играчи сме свесни дека одигравме лошо во Велс, и зборувавме и меѓу себе за тоа, направивме и некои меѓусебни индивидиуални анализи. Но, сега носиме едни посебни емоции затоа што ова е еден посебен натпревар. И подготвени сме да го дадеме максимумот. Сите сме едно семејство тука, добро се познаваме сите кои играме тука повеќе години заедно, но одлично ги примивме и новите кои се со нас. Решени сме да го дадеме максимумот на утрешниот натпревар без разлика што Данска е фаворит“.

Барди ја нагласува и поддршка која сите репрезентативци ја чувствуваат од македонските фанови.

„Сакам да истакнам дека сите ние во репрезентацијата и тоа како добро ја чувствуваме поддршката од сите навивачи, и навистина сме благодарни за тоа. Ја чувствуваме и од оние кои секогаш патуваат на натпреварите со нас, и ќе бидат и сега во Копенхаген, но и од сите во Македонија. И подготвени сме да играме и за нив, да им овозможиме нова спортска радост“ – рече Барди.

Се вчитува...