Секуловски: Пелистер има една цел до крајот на шампионатот – ОПСТАНОК!

Марјан Секуловски денеска ја имаше првата прозивка како тренер на Пелистер, откако го замени Милан Стојановски кој си поднесе оставка по последниот пораз од Струга ТЛ.

Во првата изјава Секуловски изјави дека тимот до крајот на сезоната има само една цел, а  тоа е опстанок.

„Влегуваме во период од два месеци, ние имаме една и единствена цел, а тоа е да избориме опстанок. Едноставно тоа им го објаснив и на играчите, влегуваме во еден циклус, во кој на крајот, кога ќе заврши истиот, ќе можеме од оваа врата гордо да излеземе и со крената глава, и во историјата да пишува дека сме го оставиле клубот во Прва лига. Не е битен ниту начинот, ниту како, битно е да се победува, битно е да се освојуваат бодови, битно е да се излезе од оваа ситуација, во која се наоѓаме моментално. За тренер не е добро да стартува на два месеци до крајот, во ваква ситуација и со први два натпревари против Шкендија во Тетово и Вардар во Битола, и тоа за четири дена, но некој мора да го преземе и тој „врел“ костен. Во екипата се вратија Александар Ристевски и Ерџај Фејзуловски, како и од сите играчи, така и од нив очекуваме да се стават во функција на клубот и да му помогнат на клубот во намерата да се обезбеди опстанок и на крајот сите да излеземе како победници“ изјави Секуловски.

Се вчитува...