Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА за се она што не очекува низ плејоф пресметките од баражот за пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. Најпрво полуфиналето против Данска вечерва (20:45 часот) во Копенхаген.
========================================
Натпреварот против Данска во Копенхаген во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство и дефинитивно е уште една шанса за оваа наша генерација да ги потврди своите квалитети кои ни ги демонстрираше неколку пати изминативе години, и со победата над Италија во претходниот бараж за СП 2022, и со игрите во Лигата на нациите како и со игрите во последниот квалификациски циклус и, впрочем, пласманот во овој мундијалски бараж. Дефинитивна можност да се потврди се она што се градеше досега!
Според мене, без разлика на фаворитската улога на хартија, Данците и тоа како се ранливи. Објективно не се воопшто на ниво на најсилните светски селекции, и се надевам, и верувам дека нашите репрезентативци добро го знаат тоа и се свесни за истото. Па, затоа во многу што натпреварот ќе зависи и од нас самите, како ќе биде поставена играта, и како ќе одиграме. Многу е важен физичкиот максимум на терен, со многу борба и трка, со психолошка растеретеност и без преголема оптовареност што ќе се направи на натпреварот. Мој совет е нека дозволат, низ максимален ангажман секако, играта сама да ги води! А, товарот за успех да им го оставиме на Данците!
Основно, дефинитивно ќе биде нашите грешки, пред се на средината од теренот, да ги сведиме на минимум. Затоа што на тој начин ќе ја спречиме можноста домаќините да создаваат многу шанси преку брзи транзиции… Притоа, вербата е одбраната да биде на високо ниво, голманот Столе Димитривски да има свој ден, а креативниот среден ред и напаѓачи кои овие месеци играат во одлична форма на клупско ниво, како Елмас, Растодер, Барди…., да ја искористат секоја можност која ќе се укаже за загрозување на противничкиот гол.
Мора да се нагласи дека, за разлика од минатата година кога под палката на Боби Милевски играчите речиси и да немаа минутажа во своите клубови, сега и Димитриевски, и Елмас, и Барди, и Чурлинов, и Растодер, и Алими, Зајков, Серафимов, сите играат во одлична форма. Тоа, и тоа како значи при вакви натпревари кои се одлучуваат во 90 минути.
На крајот, без разлика што и да се случи резултатски, најважно е да се остави добар впечаток, да се одигра добро, со подигнати глави да биде враќањето во Македонија. Јас уште еднаш ќе потенцирам дека успехот веќе беше направен и со пласманот во баражот за СП 2026, во конкуренции со селекции како Италија, Турција, Шведска, Данска, Полска…
Момци, со вас е цела Македонија. Веруваме во вас. Нека и среќата биде со нас, па во вторник да бидеме дел од финалето од плејофот, како последен чекор до остварување на толку посакуваниот мундијалски сон!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

Најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев за ЕКИПА за се она што не очекува низ плејоф пресметките од баражот за пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. Најпрво полуфиналето против Данска вечерва (20:45 часот) во Копенхаген.
