Во очекување на историскта бараж пресметка на Македонија во обидот за пласман на СП 2026, вечерва од 20:45 часот против Данска, некако неизбежно потсетувње на уште ден историски ден за македонскиот фудбал, а повторно тесно поврзан со Данците.
Најдобрата македонска репрезнтатиција својот прв официјален квалификациски натпревар го одигра на 7 септември 1994 година, токму против Данска во квалификациите за ЕП 1996 во Англија, кој ќе остане врежан во меморијата на секој искрен љубител на фудбалот од Македонија. Македонија своето репрезентативно патешествие, го почна во Скопје и тоа против тогаш актуелниот европски шампион.
Данците во 1992 година на Европското првенство во Шведска го освоија трофејот, и тоа откако учествуваа на шампионатот како замена, благодарение на само тоа што тогашна Југославија, која беше во предвоена ситуација, беше исфрлена од натпреварувањето.
Огромна беше возбудата во Фудбалскиот сојуз на Македонија и во самата репрезентација пред историскиот меч. „Базата“ на репрезентацијата беше „Арабати баба Теќе“ во Тетово каде државниот капитен Часлав Божиновски и селекторот Андон Дончевски ја „билдаа“ позитивната атмосфера меѓу ѕвездите на репрезентацијата предводени од Дарко Панчев, а во која беа легенди како Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Чеде Јаневски, Драган Канатларовски, Бошко Ѓуровски, Тони Савевски, Бобан Бабунски, Митко Стојковски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски – Чоко…
„Тоа беше квалификациски циклус во кој се ‘калеше челикот’. Се калеше на вистински начин македонската репрезентација против селекции како Шпанија, Белгија, Данска… Ждрепката не ни беше наклонета, но очигледно сето тоа како да мораше да се случи за бомбастично да се чуе за фудбалска Македонија во европски рамки“ – се навраќаше на тие моменти години потоа, државниот капитен Часлав Божиновски.
„Што сте се уплашиле бе јунаци? Ќе биеме битка за Македонија!“
Непосредно пред мечот најпозитивно расположен беше, кој друг ако не, селекторот Андон Дончевски.
„Што сте се уплашиле бе јунаци? Ќе биеме битка за Македонија, ќе биеме битка за фудбалот за кој треба да чуе Европа. Вие сте подобри од тие европски шампиони“ – беа мотивирачките зборови на Дончевски за репрезентативците пред дуелот со Данците.
А, ФСМ ја очекуваше првата организација на еден ваков настан. Прва организација на натпревар од овој ранг во Европа, поради што покрај водечките лица претседателот Љубисав Иванов – Ѕинго и генералниот секретар Илија Атанасовски – Ико како и членовите на УО, беше формиран огромен организациски одбор во кој беа вклучени Трајан Бендевски, Боре Христов, Боро Цеков, Александар Заковски – Гризли, Славчо Јовчев, Благоја Стојановски, Слободан Несторовски – Мајстор, Франц Кулеванов, Владо Поповски, Никола Мазнев, Тони Јанев, Кире Јовановски, Перица Алчинов, Славчо Трошановски, како не би се дозволила ни најмала грешка.
И, Градскиот стадион во Скопје беше претесен да ги собере сите оние кои имаа желба да присуствуваат на историскиот натпревар на Македонија. Пред 25.000 гледачи, во ложата на Јужната трибина тогаш и претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, како и претседателот на Владата на РМ, Бранко Црвенковски, македонската репрезентација еруптираше на најдобар можен начин, уште во 4. минута. Вистинска експлозија кога Митко Стојковски ја донесе Македонија до водство постигнувајќи го првиот официјален погодок за националниот тим во историјата. Питер Шмајхел и Данска со европските ѕвезди, браќата Лаудруп, Поулсен, Јансен… беше на колена.
Но, клучниот момент на мечот, се чини, се случи во 47. минута кога престрого беше исклучен капитенот Дарко Панчев. Квантитавната надмоќ на теренот ја искористија Данците во финишот, и на четири минути пред крајот дојдоа до израмнување за конечни 1-1.
По мечот нескриени беа серија воодушевувачки текстови низ европските медиуми за македонската репрезентација, а за генералниот заклучок за самиот натпревар, се чини, најдобро говори изјавата на селекторот на Данска, Нилсен по мечот:
„Македонија заслужи да победи. Македонија е големо изненадување за Европа. Фудбалски уште многумина ќе изненадува во иднина“.

Дарко Панчев: Зачудувачки црвен картон, судијата Ван дер Енде се изгуби!
Дарко Панчев е првиот капитен на македонската репрезентација кој го поведе националниот тим низ првиот квалификациски циклус во историјата. Најдобриот македонски фудбалер беше централното име на селекцијата во кваликациите за ЕП 1996, но, за жал, предвреме го заврши натпреварот со Данска.
Престрого добиен контроверзен црвен картон од холандскиот судија Ван дер Енде, за Дарко значеше на некој начин и, во голема мера, крај на квалификациите.
„Игравме против исклучително силен состав на Данска, но апсолутно не се исплашивме туку максимално храбро пристапивме на натпреварот и тоа резултираше со голот на Митко Стојковски. Но, на почетокот од второто полувреме дојде до тој контроверзен момент. Кога ја добив топката на средината од теренот енергичено тргнав во напад, а зад мене се залепи Јон Јансен кој цели десет метри безобразно ме влечеше за дрес. За да се ослободам малку нервозно изреагирав, што не е невообичаено во фудбалот, и малку го зафатив со дланката. А, тој изреагира како да добил најсилен удар… Главниот судија најпрво досуди прекршок во наша корист, а потоа под притисок на Данците ми додели црвен картон. Немаше кој не остана зачуден на стадионот. Но, факт е дека судијата сакаше да им помогне на Данците кои очигледно беа немоќни на теренот. Ние тогаш бевме млада федерација без голем авторитет во европските фудбалски кругови. А, уште позачудувачки е што добив казна од четири натпревари, што на некој начин значеше еден вид крај за мене во квалификациите. Toa беше крајно апсурдна, престрога казна од УЕФА“ – се потсетува Дарко Панчев.
Составот на Македонија на историскиот меч со Данска
Македонија на историскиот натпревар против Данците настапи во следниот состав: Кире Трајчев, Вујадин Станојковиќ, Илија Најдоски, Зоран Јовановски, Митко Стојковски, Љупчо Марковски, Бошко Ѓуровски, Бобан Бабунски, Тони Мицевски, Дарко Панчев и Зоран Бошковски – Чоко. Играа уште и Драган Канатларовски и Жарко Серафимовски, а на клупата беа уште и Петар Милошевски, Марјан Стојкоски и Неџмедин Мемеди.
Предводник на стручниот штаб беше селекторот Андон Дончевски, со асистентите Лазар Плачков и Никола Илиевски – Џиџи, и тренерот на голманите Драган Мутибариќ. Во стручниот штаб уште и државниот капитен Часлав Божиновски, секретарот на репрезентацијата Слободан Несторовски – Мајстор, како и д-р Душко Милевски, физиотерапевтите Ристо Бабушковски и Драган Мишиќ и економот Ане Велевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА






