Родри освои се што можеше да се освои со Манчестер Сити, па поранешниот освојувач на „Златната топка“ се посериозно ја разгледува опцијата за заминување летово, особено откако Реал Мадрид реши да тргне во офанзива за неговиот потпис.
Договорот на Родри истекува во јули 2027 година, Реал Мадрид е подготвен да плати 50 милиони евра за да го доведе летово и да не чека една година на слободен трансфер, а и самиот Родри се чини е заинтересиран за преселба на „Сантијаго Бернабеу“.
„Дали тоа што сум играл за Атлетико е пречка да го облечам дресот на Реал? Не, никаква! Низ историјата има и други фудбалери кои го правеле тоа, играле за двата мадридски гиганти. Не може да ги одбивате најголемите клубови во светот. Дали сум зборувал со претседателот или со директорите на Реал? Тоа е прашање за мојот агент. Она што е сигурно, ќе имам уште една година од актуелниот договор, ќе треба да седнеме и да разговараме. Дали јас сакам еден ден повторно да заиграм во Шпанија? Да, секако“, изјави Родри.
Флертот е пуштен на најсилно, а како што стојат работите, огромни се шансите Родри да биде големото засилување на Реал Мадрид за следната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

